Додик си го зголемил буџетот за 500 отсто
Милорад Додик, идниот претседател на босанскиот ентитет, Република Српска, во кој доминира српското население, ќе има на располагање 55,6 милиони босански марки или околу 28,2 милиони евра во 2023 година, јавува „Балкан Инсајт“.
Во споредба со буџетот за 2022 година, кој изнесуваше 10,8 милиони босански марки, или околу 5,5 милиони евра, Додик ќе може да потроши речиси пет пати повеќе од својот сојузник и претходник како претседател на РС, Жељка Цвијановиќ.
Најголемото зголемување на буџетот на претседателот на РС, од 7,2 милиони марки на 52,6 милиони, се однесува на користењето стоки и услуги, кои покриваат широк спектар на работи, вклучувајќи состаноци, користење телефон, официјални патувања, но и поддршка за различни проекти и активности. .
„Тоа не се трошоци на претседателот, тоа се инвестиции во хуманитарни цели, градинки, училишта, млади, на разни тренинзи, спортски настани… Гледате колку од нашите спортисти имаат одлични резултати, но се слабо поддржани. Годинава го максимизиравме“, рече Зора Видовиќ, министерка за финансии на Република Српска, за време на расправата за буџетот.
Според главниот уредник на списанието БУКА, Александар Трифуновиќ, средствата ќе бидат искористени за активности за изборната кампања во заедниците каде што партијата на Додик покажа лоши резултати на изборите на 2 октомври.