Доделени 12 договори на мали дестилерии за неповратни грантови до 300 000 денари


Ова е година на мали производители. Сите програми, целокупната политика на Министерството за земјоделство, беше креирана да ги поддржиме малите производители, оние кои со многу труд и могу љубов ја продолжуваат традицијата и го развиваат наследството од генерациите пред нив. Можеби имаат мал капацитет за производство, но имаат големи планови. Знаат како треба, имаат мотивација да остваруваат, само им треба мала поддршка од државата за да напредуваат и да го зголемуваат производството, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски пред да ги додели договорите за финансиска поддршка на малите дестилерии. 

Денеска, како што напомена, прв пат во историјата на земјава се доделуваат 12 договори за мали дестилерии кои добиваат неповратни грантови до 300 000 денари за набавка на опрема за модернизација на производството.

Вкупната сума за 12-те добитници на грант е 3 494 592 денари. Средствата ќе се користат за инвестиции во опрема и основни средства и услуги кои имаат за цел остварување додадена вредност во примарното производство, развој на производи со традиционални карактеристики и зголемување на конкурентноста, како и развој на семејни бизниси од областа на производство на жестоки пијалоци.

Грантовите се обезбедени од буџетот на МЗШВ преку Програмата за финансирање на микро земјоделски производители на вино и алкохолни пијалаци.

-Најголемата поволност од ваквиот договор, освен што средставта се неповратни, е тоа што корисниците ќе добијат аванасна исплата на средствата, веднаш по потпишување на договорот. А потоа во рок од 45 дена тие треба да ја набават опремата за производство на жестоки алкохолни пијалаци и/или да ангажираат стручно лице (технолог за производство на жестоки алкохолни пијалаци), согласно роковите утврдени во деловните планови и договорот. На овој начин, ние им помагаме да набават опрема без да се задолжуваат со кредити и да плаќаат камати. Напротив, со ваквата подрршка ние им помагаме да растат, да го зголемуваат производството, да станат конкурентни, а тие потоа придонесуваат да се полни буџетот на државата преку плаќање на даноците со што сме го запазиле тој партнерски однос и сме си помогнале едни на други, подвлече министерот.

Според него, заклучно со јуни 2023 година, во Царинската управа се регистрирани вкупно 32 дестилерии.

-Има тренд на зголемување во Електронскиот регистар на Царинската управа на бројот на земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци од 19 во 24. Се надевам дека со нашата поддршка овие бројки постојано ќе растат и заедно ќе го повториме успехот на малите семејни винарии. Пред почетокот на нашата поддршка, во 2019 година имавме само 30 мали семејни винарии, а денес Северна Македонија има 247 винарски визби од кои 165 мали семејни винарии, кои пишуваат нова историја во винскиот сектор и тоа токму со нашата поддршка и визијата што ја имавме за овој сектор. Очекувам ист ваков успех и со малите дестилерии, особено зашто нашето поднебје има традиција во производство на вино и ракија и време е тоа да биде претставено пред светот, рече Николовски пред доделувањето на договорите за поддршка на малите дестилерии. 

Во 2022 година биле регистрирани вкупно 27 дестилерии од кои 19 како „Земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци“, а осум како „Мали независни производители на етил акохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели – мали дестилерии“.

На јавниот повик за поддршка на мали дестилерии што беше објавен во мај годинава, аплицираа вкупно 18 баратели на финансиска поддршка. Од нив, шест не ги исполниле условите, па од вкупно 18 апликации, само 12 денеска добија договор за грант за финансиската поддршка за набавка на опрема и ангажман на технолог за алкохолни пијалоци.

Право на учество на јавниот повик имаа регистрирани земјоделски стопанства како земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци или регистрирани во Електронскиот регистар во Царинската управа како мали независни производители на етилалкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели – мали дестилерии, во согласност со Правилникот за начинот на даночење со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи.

-Како што кажа министерот, ние сме на ред. Овие средства ќе ни помогнат да продолжиме да го развиваме нашето традиционално производство на малку посовремено ниво, да ја подобриме нашатa опрема, да ги зголемиме квалитетот и бројот на производи. Во 2019 година кога почнав, едвај бевме двајца што го исполнивме законскиот услов, а сега сме 12. Успеавме да ги задоволиме критериумите за да добиеме поддршка. И понатаму ќе растеме, а преку Здружението на македонски дестилерии, ќе му помогнеме на секој што ќе побара помош, изјави Јорде Јованов, производител на ракија и еден од добитниците на грант.