ДКСК: Уставен суд да пресече за продажбата на парцелата спроти „Холидеј Ин“


Државната комисија за спречување на корупција ќе упати барање до Уставниот суд да изврши оценка на членот 64 од Законот за денационализација поради, според нив, спорната продажба на земјиштето спроти „Холидеј Ин“.

Ова денеска на прес-конференција го истакна претседателката на ДКСК Билјана Ивановска на која соопшти дека Комисијата го завршила предметот кој се однесува на продажбата на градежното земјиште кај паркингот „Холидеј ин“, кој бил отворен по сопствена иницијатива по наводи изнесени во медиуми за сомневање за злоупотреби со продажбата на парцелата.

-Продажбата на парцелата ја извршила Министерството за транспорт и врски врз основа на извод од ДУП кој не се применува согласно одлука донесена од Советот на Општина Центар за запирање на спроведувањето ДУП-овите. Изводот од планот го издал градоначалникот на општината за наводно решавање на имотно правни односи. Во барањето на подносителот е наведено дека изводот од ДУП-от е потребен за дооформување на парцелата. Изводот издаден од градоначалникот, не содржи известување или напомена дека ДУП-от за кој се издава изводот е под мораториум и може да претрпи некави измени при негова ревизија. Парцелата е продадена врз основа на позитивно мислење од страна на државниот правобранител кој до Министерството за транспорт и врски испратил мислење во кое вели дека нема правни пречки да се изврши продажбата на земјиштето, истакна Ивановска.

Таа информираше дека во дописот кој го побарале од државниот правобранител, тој навел дека градежното земјиште е оттуѓено врз основа на важен детален урбанистички план од 2012 година дека како прилог на документацијата доставен е и изводот од ДУП-от издаден од градоначалникот на Општина Центар.

-Дел од ова земјиште што го продава Министерството за транспорт и тоа некаде околу 625 метри квадратни е на семејство што започнало процес за денационализација во 2003 година. Но поради измени во Законот за денационализација од декември во 2010 година со кој се дозволува располагање со имот којшто е предмет на денационализација земјиштето е продадено пред да биде завршен процесот на денационализација, нагласува Ивановска.

Пред оваа измена, вели таа, постоела апсолутна забрана за располагање со имот од предмет на денационализација без никакви дополнителни услови со што се заштитува имотот, предмет на денационализација се заштитувале правата на поранешните сопственици или нивни наследници врз тој имот и се овозможувало на крајот остварување на целта на законот, а тоа е враќање на имотот на сопствениците односно на наследниците.

-Наведената измена, сметаме дека не е во согласност со Уставот според кој граѓаните се еднакви пред Уставот и законите, а правото каде што сопственоста е право, е една од темелните вредности на уставниот поредок, првата антикорупционерка.

На седницата на ДКСК, членовите разгледувале прашања поврзани за донациите во време на криза и дека веќе добиле информации од министерствата, а договориле и средба со директорката на Инспекцискиот совет за следните активности како ќе постапуваат во тој дел заедно со инспекторите.

По сопствена иницијатива, атикорупционерите го разгледале и предметот по допрен глас за Ден Дончев дека поранешниот директор на Фондот за здравство наводно остварувал некакви приходи и утврдиле дека тој нема пријавено дополнителни приходи. Ивановска и информираше дека работат на случајот и дека доколку утврдат неправилности ќе покренат прекршочна пријава за непријавување на дополнителни приходи.