ДКСК отвори предмет за тендерите на Министерството за дигитална трансформација


Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ќе утврдува дали има судир на интереси во случајот со тендерите во Министерството за дигитална трансформација.
 
„Во текот на вчерашниот ден по објавите во медиумите, Антикорупциска комисија оформи предмет по сопствена иницијатива и ќе постапува да се утврди дали има судир на интереси“, изјавија кусо од ДКСК за МИА.
 
Опозициската СДСМ во понеделникот обвини за конфликт на интерес, непотизам и сомнение за корупција во Министерството во врска со две јавни набавки во вредност од 50 000 евра што ги добила фирма која е во сопственост на сопругот на државната секретарка во тоа министерство. Тие ја повикаа Антикорупциска итно да постапи по овој случај.

 

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во понеделникот на прес-конференција ги отфрли обвинувањата од опозициската СДСМ за конфликт на интерес, додавајќи дека Министерството е посветено на транспарентост, отчетност и законитост во работењето.

Андоновски рече дека државниот секретар во Министерството не учествува во ниту една постапка за јавна набавка, во ниту една фаза, а нејзиниот ангажман е во административно-буџетско работење на Министерството, па затоа не постои простор за судир на интерес или влијание на постапката од нејзина страна.