Дискотеката „Пулс“ не е дивоградба, но не е наменета за дискотека

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, денеска на прес-конференција, оградувајќи се дека нема доволно информации, рече дека објектот на дискотеката „Пулс“ и неговата градба не била спорна до 2012 година, кога според него, почнала реадаптацијата за да почнат да се одржуваат забави.
– Објектот е изграден во 1999 година според важечки план во рамки на Општина Кочани. Тогаш не се викаа детални урбанистички планови, но ги има како планови, што преведено во денешна терминологија би било ДУП. Значи изграден е согласно план и согласно насоките коишто тогаш ги дала општината. Изграден е како лесна незагадувачка индустрија, а според информациите кои ги имаме одреден временски период се користи како шивалница или фабрика за текстилно производство, потоа како магагина. Потоа е дограден еден дел од педесетина метри квадратни, којшто во 2011 година согласно Законот за легализирање на дивоградби е легализиран и е приклучен на основниот објект – рече Николоски.
Приватна фирма требало да утврди дали објектот е според стандарди или не.
Тој појасни дека Законот за угостителство не јасен во еден дел што доведува за тоа како се добива лиценца и тоа придонесува за проблеми во неговото толкување.
– Важен е делот кој вели дека Министерството за економија по службен пат требало да добие повеќе документи од повеќе институции, за да може да издаде лиценца. Што значи дека сите овие документи се прибавуваат од Министерството за економија по службена должност, а подносителот дава само изјава во која тврди дека се исправни тие документи. Тоа е проблем во законот, законот не е добар и мора да се смени. Мора да има поголема контрола. Сега некој дава изјава од нотар, изјава која не може да се исконтролира дали е вистинита, потоа службеник во министерството за економија прибира документи и дава лиценца или не – рече тој.
Но, проблемот рече Николоски, е што голем простор се остава на совеста на тој што поднесува документи кој поднесува документи на нотар кој не може да ја провери вистинитоста на содржината на документите.