Дирк Шибел ќе го замени Аиво Орав како специјален пратеник на ЕУ во Приштина


Брисел– Советот на Европската Унија денеска го назначи германскиот дипломат Дирк Шибел за нов специјален претставник на ЕУ во Косово.

Шибел ќе ја преземе функцијата на 1 септември, со почетен мандат од две години, и ќе го наследи Аиво Орав, кој до неодамна беше шеф на Канцеларијата на ЕУ во Приштина.

Клучните одговорности на специјалниот претставник на ЕУ вклучуваат следење на напредокот во политичките, економските и безбедносните приоритети, придонес кон консолидацијата на човековите права, владеењето на правото и заштитата на малцинствата, како и промовирање на целокупната политичка координација на ЕУ за да се обезбеди кохерентно и видливо присуство, се наведува во соопштението на Советот на Европската Унија.

Мандатот, исто така, вклучува обезбедување политички насоки на Мисијата на Европската Унија за владеење на правото (ЕУЛЕКС) и поддршка на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Шибел моментално е раководител на Одделот за Русија во Европската служба за надворешни работи.

Претходно, тој работеше како специјален претставник на ЕУ за Источното партнерство, а беше и шеф на делегацијата на ЕУ во Белорусија и Молдавија.