Директорот на ТИРЗ Гоце Димовски дел од 28-миот Евроазиски Економски Самит во Истанбул

Директорот Гоце Димовски, како дел од владината делегација предводена од министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, заедно со Викторија Трајков, заменик-министерка за европски прашања, денеска присуствуваше на 28-миот Евроазиски Економски Самит, во Истанбул, Турција, организиран од страна на Фондацијата за стратешки и општествени истражувања – Мармара Груп.
Тој се обрати на панелот со тема „Екологија, Економија, Енергија и Вештачка Интелигенција“ при што посочи дека одржливиот развој не е само избор, туку неопходност.
-Технолошко-индустриските развојни зони во Македонија се поставени како пример за интегрирање на еколошките стандарди во индустрискиот развој. Со фокусирање на лесна, незагадувачка индустрија и модерна логистика, создадовме услови за производство што ги минимизира негативните влијанија врз животната средина и овозможува квалитетен живот за локалните заедници, изјавил Димовски.
Тој ги истакнал фискалните и царински стимулации, даночни ослободувања и поддршката за нови работни места, што директно влијае на привлекувањето најиновативни домашни и странски инвеститори.
-Само преку партнерства, размена на знаење и иновации можеме да изградиме економии кои се отпорни, инклузивни и одржливи. Македонија останува посветена на европските вредности, на зелената транзиција и на дигиталната трансформација – заедно со вас, нашите пријатели и партнери од евроазискиот регион, рекол Димовски.
Воедно, тој во рамки на самитот остварил средби со бројни високи претставници и потенцијални инвеститори, при што биле разгледани можностите за потенцијални инвестиции и зајакнување на економските односи.
Целта на овој самит, како што велат од ТИРЗ, е да ги зближи бизнисмените, политичарите и академиците од различни земји, што ќе влијае на зајакнување на соработката во областите на економијата, демократијата и безбедноста.
Учеството на Македонија и Дирекцијата за ТИРЗ како институција на овој самит, сметаат од Зоната, е потврда за успешната соработка со Турција, со напори за континуриано унапредување на економските и инвестициски релации меѓу двете земји.