Директорот на „Интел“ во немилост, Трамп бара негова оставка
Претседателот на САД, Трамп, побара оставка од Лип-Бу Тан, генералниот директор на компанијата „Интел“ бидејќи, наводно, контролира значителен број кинески компании и фондови

Акциите на најголемиот американски производител на чипови, „Интел“, паднаа за повеќе од четири проценти денес откако американскиот претседател Доналд Трамп побара оставка од извршниот директор Лип-Бу Тан преку социјалните медиуми, објавува Си-Ен-Ен.
„Извршниот директор на Интел е во голем судир на интереси и мора веднаш да поднесе оставка. Нема друго решение за овој проблем“, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.
Истрагата на Ројтерс во април откри дека Лип-Бу Тан претходно инвестирал во стотици кинески технолошки компании, вклучувајќи најмалку осум со врски со војската на азиската земја, што предизвика загриженост кај некои инвеститори во „Интел“ за можни судири на интереси.
Според истрагата, Лип-Бу Тан контролира повеќе од 40 кинески компании и фондови, како и малцински удели во повеќе од 600 инвестициски фирми што ги управува. Во многу случаи, дели малцински удел со кинески владини субјекти.
Тан, долгогодишен инвеститор во технологија роден во Малезија, беше именуван за извршен директор во март.
Медиумите објавија дека Тан има исклучителен углед во технолошката индустрија и дека стекнал значително искуство како директор во одборите на „Хјулит-Пакард“ (ХП), „Шнајдер Електрик“ и „Софтбанк“.