Директорот на Геријатрија зел мито за да смести пациент во клиниката

Директор на здравствената установа е уапсен поради сомнение дека примил поткуп. ТВ21 дознава дека станува збор за директорот на специјализираната болница за Геријатриска и палијативна медицина Скопје, Мухсин Арифи. Арифи заедно со посредник, барале и примиле поткуп во износ од 20.000 евра за болно и неподвижно лице да биде сместено во геријатриска установа.
Од обвинителството ја потврдија оваа информација, без притоа да го откријат идентитетот.
„Во координирана акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи приведени се две лица под сомнение за кривични дела примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание. Се постапува за целосно расчистување за настанот“, велат од ОЈО за ТВ21.
И Министерството за здравство се огласи по повод апсењето на две лица, меѓу кои и директорот Мухсин Арифи.
„Министерството за здравство се залага за што побрзо расчистување на случајот од страна на Јавното обвинителство во врска со наводите за примање поткуп од раководно лице во јавна здравствена установа. Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност. Наш приоритет останува обезбедување најсоодветна грижа за сите пациенти во јавните здравствени установи.“, велат од Министерството за здравство.
Реакција имаше и министерот Арбен Таравари од чија партија е директорот.
„ Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничка, верска или политичка припадност. Испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности. АА останува силно посветена на борбата против корупција и темелна реформа на државниот систем со цел сите девијантни појави да бидат сведени на минимум. Албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните. Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме. Партиските органи на АА ќе ги преземат сите неопходни статутарни чекори за зачувување на угледот на партијата “– се вели во соопштението од Таравари.
Инаку, Арифи претходно беше организациски директор на психијатриската болница во Бардовци. Toj e дипломиран архитект и доаѓа од Алијанса за Албанците.