Директорите во САД заработуваат 320 пати повеќе од просечниот работник
Платите на работниците во Соединетите Држави се зголемени за 13,7 отсто од 1978 година, а платите на извршните директори за дури 1.167 проценти, така што директорите сега заработуваат 320 пати повеќе од просечниот работник, пишува порталот Fast Company.
Извештајот на Институтот за економска политика (ЕПИ) утврдил дека просечната директорска плата во некои од најдобрите американски компании е 21,3 милиони долари и дека типичен работник во една од водечките компании сега заработува 67.000 долари годишно.
Ваквите „прекумерни“ плати на генералните директори се проблем затоа што придонесуваат за растечката нееднаквост меѓу раководителите и просечните работници, пренесува Новаекономија.рс.
Соодносот на платите на директорите наспроти работниците во 1965 година беше 21 спрема 1, потоа во 1989 година се искачи на 61 спрема 1, а во 2019 година беше 320 спрема 1, што јасно покажува дека нееднаквоста во платите постојано се зголемува во последните 50 години.
Платите на генералните директори сега во голема мера се потпираат на акции и награди поврзани со вредноста на акциите на компанијата, така што заработките на директорите го следеа деценискиот раст на пазарот.
Решението за овој проблем е данок на богатство, се вели во извештајот. Тоа вклучува повисоки стапки на данок на добивка, корпоративни даноци за компании кои имаат поголема нееднаквост во платите помеѓу директорите и работниците и т.н. „данок на луксуз“.
Покрај оданочувањето, владата би можела да донесе закони со кои ќе се промени структурата на корпоративното управување, се вели во извештајот на Институтот за економска политика.