Дипломатски извори: Лидерите на ЕУ ќе се заложат за „функционални решенија“ за транзитот на руски гас преку Украина

Европскиот совет во заклучоците од денешниот специјален Самит во Брисел ќе ги повика Европската комисија, Словачка и Украина да ги интензивираат напорите за „изнаоѓање функционални решенија“ за прашањето за транзитот на руски гас преку украинска територија, посочуваат дипломатски извори.
Според овие извори запознаени со содржината на предлог-заклучоците од Самитот, како што јави дописникот на МИА од Брисел, ваквата референца била вметната во текстот за да се одоброволи словачкиот премиер Роберт Фицо, кој се закани со вето на завршната декларација од денешниот Европски совет.
Фицо пред да отпатува на средбата во Брисел изјави дека ќе ги блокира заклучоците од Самитот, доколку не добие гаранции дека ЕУ ќе изврши притисок врз Украина за обнова на транзитот на рускиот гас низ нејзина територија, кој е во прекин од 1 јануари годинава.
Братислава со месеци инсистира Брисел да посредува на некаков договор со Киев што ќе овозможи обнова на дистрибуцијата на рускиот гас. За таа цел, словачките власти дури претставија студија, според која, прекинот на транзитот на руски гас низ Украина индиректно ќе ја чини Европа околу 100 милијарди евра поради зголемување на цените на електричната енергија.
Како одговор на барањата на Братислава, Европската комисија и Словачка на почетокот на јануари формираа Работна група на високо ниво за следење на состојбите поврзани со прекинот на транзит на руски гас преку територијата на Украина, со задача да ги „идентификува опциите врз основа на заедничка проценка на ситуацијата и да види како ЕУ може да помогне“.
Претходниве денови и извори од ЕУ најавуваа дека во заклучоците од денешниот Европски совет веројатно ќе биде вметната и содржина поврзана со транзитот на руски гас, со цел да се избегне ветото на Фицо. Сепак, според европски дипломати, тоа нема да биде гаранција дека Брисел навистина ќе го засили притисокот врз Киев за промена на неговата позиција околу транзитот на гасот.