Диплома во БИХ може да се купи на бензинска пумпа, тврди главниот обвинител Кајганиќ
„Фактот дека диплома може да се купи на бензинска пумпа говори дека инспекциските органи не си ја вршат својата работа“, изјави Кајганиќ за новинарите во Сараево.
Тој наведе дека со акцијата „Кластер“ се опфатени приватни факултети, каде Обвинителството докажало злоупотреби, но дека ќе се постапува и на државните, ако има докази дека издавале лажни дипломи.
„Сите треба да станеме сериозни, инспекцијата да биде поригорозна и да утврди како, без оглед на контролите, е можно да се купи диплома. Акцијата „Кластер“, во која беа уапсени 11 професори и раководители на неколку приватни универзитети во БиХ, е една од најзначајните акции во борбата против корупцијата во БиХ. Од 2021 година водиме истраги со Агенцијата за истрага и заштита на БиХ и дојдовме до докази дека во БиХ постои организирана криминална група која се занимава со продажба на дипломи, што сметаме дека е основа за каква било друга корупција“, додаде Кајганиќ.
Наведе дека станува збор за системска корупција, бидејќи многумина кои купиле дипломи врз основа на нив се вработуваат во владини органи, полициски агенции, образование, правда, здравство, нагласувајќи дека Обвинителството има докази дека е купена и диплома за градежен инженер.
„Ова е само врвот на ледениот брег, а ние испративме предлог до Судот на Босна и Херцеговина да одреди притвор за пет лица, а предложивме мерки за забрана за шест. Меѓу нив има ректори и декани на универзитети, директори, професори, изјави Кајганиќ.
Тој рече дека организаторите на продажбата на лажни дипломи се поврзани со луѓе од земјите од регионот, со кои ќе соработуваат за тие предмети.