Димковски: Буковската пипер да биде регистрирана во Брисел како оригинален производ од битолското село Буково


Буковската пипер што се произведува во битолското село Буково сакаме да биде регистрирана во Брисел, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.

Димковски денеска го посети Буковово каде ги информираше жителите за јавниот повик со кој ќе се финансираат елаборати и спецификации за регистрација и заштита на називот на земјоделските прехранбени производи.

-Министерството објави јавен повик за финансиска поддршка за елаборати и спецификации за регистрација и заштита на називот на земјоделски прехранбени производи со ознака за потекло, географска ознака и ознака за загарнтиран традиционален специјалитет. Повикот е во тек, а крајниот рок за пријавување е 2 август. Сите заинтересирани што ќе покажат интерес слободно може да ги поднесат апликациите. Во огласот планиран е буџет од 300.000 денари по елаборат, а вкупниот буџет е 1,5 милиони денари, но не сме лимитирани на пет елаборати и доколку има интерес за повеќе и се понудат повеќе наши традиционални производи кои нашите фирми или здруженија сакаат да ги заштитат, тогаш буџетот ќе биде зголемен, изјави Димковски.

Според него, буковската пипер е важна не само за државата, туку и за производителите.

-Со почнување на преговорите со ЕУ, едно од прашањата ќе бидат нашите традиционални производи. Сакаме овој наш производ да биде регистриран и во Брисел, нагласи министерот.

Со оваа активност МЗШВ почнува да решава проблем зашто, како што рече Димковски, многу години требаше за нашите традиционални производи да бидат ставени во регистар.

За начинот на производство на оригинална буковска пипер, на средбата во Буково зборуваше Илинка Главевска, домаќинка и производител на буковска пипер.