Димитров: Идентитетските прашања не можат да бидат предмет на политичка декларација
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров смета дека идентитетските прашања како што е јазикот не можат да бидат предмет на политичка декларација, бидејќи тие се право на самоизјаснување и самопределување, европска вредност, но и право заштитено и утврдено со меѓународното право. Вели дека како држава сме подготвени да работиме на затворање на сите прашања со соседна Бугарија, но со меѓусебно почитување.
-Мислам дека е многу елементарно да се разбере дека не може со некого, а договорот почнува со параграф кој вели -во името на меѓусебното почитување разбирање блискост и добрососедство, да се има сетоа тоа ако не се прифаќаме кои сме денес, рече Димитров во гостувањето на ТВ Сител.
Договорот за пријателство, додава тој, ги обврзува двете страни и македонската и бугарската. Смета дека историските прашања треба да бидат предмет на разгледување на историчарите, а не политиката и оти заради тоа била и формирана Комисијата за историски прашања. Вицепремиерот Димитров потенцира дека таа не прекинала со работа, која некогаш била поинтензивна, некогаш побавна. Забавувањето рече, има и објективна причина, како што вели, а тоа е пандемијата предизвикана од КОВИД-19.
-Прашањето е дали предизвикување на идентитските прашања за кои реално не може да се разговара, за македонскиот јазик, на пример, дали изјави што се проблематични за соседот или навредливи помагаат во овој процес дали не прават помали или поголеми. Јазикот не е предмет на политичка декларација. Мене како Македонец не може ниту една, вклучително и мојата држава, да ми каже дали сум или не сум Македонец кој зборува македонски јазик. Правото е на само изјаснување и самопределување, тоа е и европска вредност, но и право утврдено со меѓународното право, рече вицепремиерот.
Според него, по комплетирањето на личната карта на земјава во ОН ниту една држава нема правен основ овие прашања да ги отвора.
-Јас искрено мислам дека тоа не соодвествува ниту со интересите да се зближите со некој да бидете пријател, да бидете близок со некој. Милам дека не сосодветствува со идеалите, вредностите и правата на Европската унија каде Бугарија е, а кон која ние се стремиме, рече Димитров.
Тој вели дека и на двете земји им е потребна мудрост со широко отворени очи да погледнат и кон минатото и да видат кои точки кои ги спојуваат. Според него, што повеќе влегува политика влегува во овој процес, толку потешко ќе се најде заеднички јазик.
Во врска со ликот на Гоце Делчев, вицепремиерот Димитров вели дека е факт оти тој е значаен за двата народи.
-Факт е дека некои од хероите на минатото, како што е Гоце Делчев, се значајни за македонскиот и за бугарскиот народ. На историчарите е да видат, да го разгледуваат тоа прашање и да најдат начин, ако ништо друго барем да се научи перспективата на другиот, рече Димитров.
Прашан за коментар за најавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за протест „За ЕУ, за Македонија, за Делчев“ Димитров потенцира дека тоа е само обид да се најде прашање кое што има некаков потенцијал да мобилизира луѓе и да се искористи во дневнополитички интереси.