Димитриевски: Францускиот договор и уставните измени се можни со реципроцитет
Претседателскиот кандидат од ЗНАМ Максим Димитриевски смета дека недозволиво е, претседателот на државата по едно исто прашање да има еден одговор првпат кој што ви вели отфрли го францускиот предлог, не го прифаќај, а седум дена потоа да излезе и да каже јас бев креатор на францускиот предлог или јас директно учествував во негово изготвување.
-Вашиот карактер како претседател на држава суштински го отсликува и карактерот на државата и на народот којшто живее во неа. Сметам дека ние Македонците сме првенствено горди луѓе независни, никогаш не сме зависеле во историјата од никого. Затоа и сме создале сопствена држава, едноставно сме како пир – никнува и после 100 години, мудри сме, вредни сме, имаме и треба да ја одржиме оваа држава која што ја создадоа нашите предци. Токму таков профил на претседател ќе има Македонија доколку мене ме избере за следен татко на нацијата, вели тој.
Во однос на францускиот предлог, и уставните измени, Димитриевски смета дека тие се можни на база на реципроцитет и да се спроведат од моментот на стапување во полноправно ЕУ членство, заради самозаштита од нови, дополнителни барања од Софија.
-Па јас решение на ова прашање дадов, досега ние како политички субјект т.е. во тој момент како здружение на граѓани понудивме три решенија. Еве ќе го апострофирам сега само последното решение кое што сметам дека го дадов некаде јуни, еден ден пред фамозната лидерска средба каде што потоа како плагијат нашето решение беше претставено од лидерот на опозицијата. Македонија треба да ги прифати сите во својот Устав на база на реципроцитет, но дополнително истите уставни измени да се спроведат во целост од моментот кога Македонија ќе биде полноправна членка на Европската унија. Зошто? За да се самозаштитиме себеси од дополнителни барања што можат да дојдат од Софија кон нас и да бидат упатени во текот на преговорите, бидејќи сепак треба да исполниме и голем број поглавја коишто Европска унија ќе ги бара, наведува Димитриевски.
Смета дека перспективата за влез во ЕУ во 2030 година е манипулација со јавноста, поради постојното ниво на корупција и кримал и на политизација на институции на системот. Без владеење на право и со сите аномалии коишто ги има земјата и општеството, вели, нема да бидеме членка уште долг временски период.
-Ние мора првично да си ги засукаме ракавите, да си ги решиме проблемите однатре, да ја трансформираме Македонија во самоодржлива држава, да ги искористиме сите наши национални ресурси и капацитети и во делот на земјоделието и во делот на природните богатства коишто ги имаме наместо да ни се осипуваат и пљачкосуваат од страна на разно разни концесионери од сето тоа и народот и државата има дополнителен бенефит да направиме фискализација на државата подеднакво во сите нејзини делови, бидејќи во моментов имате фискализација само во одредени делови, додека во други делови немате во целост, да ги приберете парите, да ја направите Македонија финансиска стабилна, да ги поништите сите штетни финансиски договори особено за стратешки инвестиции со сите тие концесионери како што е случајот со Коридорот 8 и многу други вакви проекти и да се фатиме за работа и да ја направиме самоодржлива. Дури тогаш во Европската унија ние ќе бидеме посакувани сериозно да станеме час поскоро земја-членка, вели тој.