ДИК донесе заклучок за конечност на резултатите од првиот круг на претседателските избори


Фото: Б. Грданоски

 Државната изборна комисија на денешната седница донесе заклучок за конечност на разултати за избор на претседател на Република Северна Македонија, прв круг.

Според заклучокот, за изборите одржани на 24.4.2024 година, вкупен број на избирачи запишани во избирачки список имало 1 814 317 гласачи од кои гласале 905 622. Неупотребени гласачки ливчиња биле 908 720, важечки ливчиња 881 040, а неважечки ливчиња 24 560.

Конечните резултати покажуваат дека кандидатот за претседател Стево Пендаровски добил 180 499, Гордана Силјановска Давкова 363 085, Стевчо Јакимовски 8 121, Бујар Османи 120 811, Билјана Ванковска 41 331, Арбен Таравари 83 337 и Максим Димитревски 83 855.

Во вториот круг на избори за претседател што треба да се одржат на 8 мај ќе се гласа за кандидатите за претседател Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова.

За претстојните избори за претседател, до Државната изборна комисија пристигнале акредитации од 52 домашни набљудувачи, 11 меѓународни и пет странски новинари, истите доставиле барање и за изборите за пратеници во Собранието, соопштија на денешната седница на ДИК.

На денешната седница ДИК ги усвои и записниците од 97 и 98 седница.