Дигитализација на повеќе од пет милиони оргинални записи на Институтот „Крсте Мисирков“


Повеќе од пет милиони оргинални записи, стари над 500 години со кои располага Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ за првпат ќе бидат дигитализирани. Станува збор за решение на домашната компанија „Инбокс“ избрано на јавниот повик „Дигитализација на картотеките при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, што го спроведе Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за култура со цел адекватна заштита и унапредување на македонското културно наследство.  

Проектот опфаќа девет картотеки со уникатно изразени записи, кои во моментот се чуваат во картонски кутии, несоодветно заштитени од сите форми на ризици од оштетување и уништување. Картотеката располага со стотици илјади зборови од стари ракописи пишувани со векови во македонските цркви и манастири, неколку милиони ливчиња со зборови што се користат во секојдневното зборување на македонскиот народ, односно дијалекти карактеристични за над 400 населени места. Во документите се и стотици илјади ливчиња со запишани имиња, презимиња и прекари на Македонците, како и имиња  на населени или ненаселени места – топоними. Преку проектот ќе се дигитализираат и милиони ливчиња со македонски зборови од стандардниот и од народниот јазик, кои имаат едно или повеќе значења. 

– Решението на „Инбокс“ ќе овозможи инстантна и неограничена достапност како и можност за дигитално поврзување на картотеките. Дигиталните слики ќе се обработуваат во траен формат, ќе се метадатираат и поврзуваат во логични целини. На крајот, дигиталните записи ќе се претвораат во оригинали. Предвидено е мултиплицирање на форматите во три различни облици, секој со различни карактеристики и отпорност на сите ризици, со што ќе се овозможи трајна заштита, велат од ФИТР.

Според директорот на ФИТР, со ова македонскиот јазик и националното богатство ќе им останат трајно достапни на идните генерации во формат кој ним им е близок. 

–  Идните генерации ќе живеат во технолошки се поразвиен свет, а на овој начин македонскиот јазик и националното богатство ќе им останат трајно достапни во формати кои им се блиски. По двата повици за дигитализација на јавни инстутуции во 2021, веќе следната година Фондот развива и ново портфолио на предзивици преку кое ќе се овозоможи дигитализација и креирање на дигитални алатки за јавните институции во државата, вели Петров. 

Согласно правилата од јавниот повик, проектот треба да се спроведе до 12 месеци, а Фондот, врз основа на оправдани околности, може да одобри продолжување до шест месеци. 

Комисијата за оценување и избор која ја донесе конечната одлука за финансирање на проектот се состоеше од по еден претставник од Министерството за култура, Министерството за образование и ФИТР, како и двајца експерти од областа на предизвикот.