Дете од четврто одделение донело нож во училиште – мајката тврди дека по грешка го ставила во неговото ранче
Дете од четврто одделение извадило нож во школо во Центар, било проблематично уште од прво. Мајка му рекла дека правела доручек па по грешка го ставила ножот во ранец што е логично исто ко да правела тост па тостерот да му го ставила во ранец. Као службите 4 години работеле со детево глеам јако изработиле. Родителите ја обвинуваат директорката дека вршела притисок до наставниците да го смират случајот и родителите да престанат да пријавуваат. Еве госпожа сега ќе го смириме случајот.
Вчера видов едно видео од Сарај од средно, каде неколку момчиња вознемируваат девојче на најгнасен начин. Колку што знам случајот е пријавен во полиција. Има ли некој што сериозно ќе се фати да се бави со малолетничката деликвенција или ќе чекаме да ни се деси нешто страшно ко во школите во Србија? Тогаш веројатно ќе бидеме изненадени. Ни треба нов и многу построг закон за социјалните работи, демографија и млади. Ако не знаеме да го направиме, да го препишеме од Норвешка, напиша на социјалните мрежи Ина Многуфина, како коментар на веста која излезе во медиумите.
Веста што ја пренесоа неколку медиуми вели дека родители чии деца учат во основното училиште „Киро Глигоров“ во општина Центар, изминатиов период живеат во страв и неизвесност.
Дете од четврто одделение извадило нож од училишниот ранец, во училница, меѓу другарчињата. Истото дете, според сведоштва на родители, досега неколку пати покажало агресивно и насилно однесување кон соученици. Состојбата со носење на нож во училиште, не е единствениот случај кој е поврзан со него. Минатата година нападнал и другарче од одделението кое е со посебни потреби. Во досегашните напади употребил ножици.
По инцидентот со ножот, била контактирана неговата мајка, која потпишала изјава дека таа го ставила ножот во ранецот на нејзиното дете, по грешка откако правела појадок. Родителите на неговите соученици досега безброј пати покажале разбирање, но по овој случај велат дека “алармот“ мора да остане вклучен.
Како што велат од училиштето, стручните служби работат со ова дете веќе 4 години, но останува отворено прашањето каков напредок е постигнат кога неговото однесување останува исто, а состојбата се влошува.
-Подолг временски период моето дете, заедно со останатите соученици, се соочуваат со страв, притисок, физички напади и вознемирување од соученик. Како родител, не се чувствувам пријатно кога секојдневно го испраќам моето дете со страв за неговата безбедност во училиште во кое не се преземаат соодветни мерки за заштита на децата. Особено загрижувачки е инцидентот кога на 09.02.2026 година во текот на наставата, конкретниот соученик извадил нож од училишниот ранец. Благодарение на навремената, смирена и соодветна реакција на наставничката, останатите ученици се заштитени и спречен е инцидент со немил исход. Сметам дека по овој сериозен инцидент не беа преземени соодветни, навремени и транспарентни мерки од страна на раководството и стручните служби на училиштето, туку едноставно беше прифатена изјава од мајката дека таа го ставила ножот во ранецот. Загрижува фактот што ова не е изолиран случај со овој ученик, кој повторно е без никаков епилог, освен информација дека стручните служби работат, додека во реалноста ситуацијата значително ескалира. Наместо јасна реакција и конкретни чекори за превенција и заштита, впечатокот е дека училиштето приоритет дава на минимизирање и прикривање на настанот/настаните, наместо на системско решавање на проблемот. Дополнително ситуацијата е отежната и поради нереспонзивноста на родителите на конкретното дете и отсуството на одговорност да се реши проблемот. Не треба да се занемарат и останати инциденти со други ученици од други одделенија (за дел постојат и медиумски објави), за кои најважно на раководството му беше да останат во рамки на училиштните ѕидови. Како родител, сериозно сум загрижена за безбедноста на моето дете и за општата безбедност на учениците во целото училиште – вели еден родител.
Редакцијата добила и заеднички писмен став од поголема група на родители, кои изминатиов период стравуваат за безбедноста на своите деца во ова центарско училиште.
Директорката на училиштето „Киро Глигоров“, Билјана Билбиловска уверува дека училиштето ги презема сите мерки, дека направен е увид од страна на Државен просветен инспекторат и советници од Бирото за развој на образование, при што е констатирано дека училиштето постапи согласно законските акти и интерните правилници.
Се планира поддршка за ученикот кој вклучува индивидуална работа со психолог и специјален едукатор, засилена опсервација, работа со паралелката на социјални вештини и редовна комуникација со родителите. Но, вели дека во конкретниот случај не беше утврдено заканувачко однесување кон други ученици, ниту намера за повредување.
Со случајот запознаена е и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која пак чека извештај од Државниот просветен инспекторат, која ако „ покаже дека има нешто, (треба) да се продлабочи и прошири“. Таа смета дека ако сево ова е точно, тогаш ќе треба дел од часовите детето да ги помине во друга установа и детето треба да има образовен асистент.