Десната рака на Орбан ставен на американската „црна листа“ поради корупција

Антал Роган често се нарекува „министер за пропаганда“ на Унгарија. Тој е близок со Орбан со децении и ја надгледува неговата огромна медиумска машина. Тој го води кабинетот на Орбан и ги надгледува и унгарските разузнавачки служби


Антал Роган

 

Соединетите Држави во вторникот воведоа економски санкции против шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан поради неговото „учество во корупција“ во земјата, пренесе АФП, повикувајќи се на соопштение на американското Министерство за финансии.

Антал Роган, кој раководи со канцеларијата за информации и комуникации, е обвинет за „организирање коруптивни шеми за контрола на стратешките сектори на унгарската економија и пренасочување на приходите кон себе и неговите лојални политички партии“.

„САД нема да се двоумат да побараат одговорност од поединци како Роган, кој ја искористи моќта на неговата канцеларија за незаконски да се збогати себеси и неговите пријатели на сметка на неговата земја и неговите сограѓани“, се вели во соопштението на вршителот на должноста заменик-секретар за финансии за прашања на тероризам и финансиско разузнавање, Бредли Смит.

„За време на неговиот мандат како владин функционер, вклучително и како одговорен министер во Кабинетот на Орбан, Роган, наводно, организирал шеми дизајнирани да ги контролира стратешките сектори на унгарската економија“, се вели во соопштението на Стејт департментот на САД во вторникот.

„Министерот Роган одигра централна улога во овозможувањето на системот во Унгарија од кој има има корист тој и неговата партија на сметка на унгарскиот народ“, се додава во него.

„Продолжуваме да ги повикуваме унгарските лидери да се справуваат со корупцијата проактивно, недвосмислено и решително. Потранспарентна Унгарија ќе придонесе за посилен трансатлантски сојуз и попросперитетна Европа“, се заклучува во соопштението.

„Оние кои се тесно поврзани со владејачката политичка партија стекнаа огромни империи на имоти“, рече на прес-конференција американскиот амбасадор во Унгарија, Дејвид Пресман. „Антал Роган е примарен архитект, спроведувач и корисник на овој систем на корупција“.

Санкциите беа донесени според Глобалниот закон Магнитски, кој забранува влез на санкционирани поединци во САД, им забранува на американските компании да имаат бизнис со нив и ги замрзнува нивните средства под јурисдикција на САД.

Роган, кој често се нарекува „министер за пропаганда“ на Унгарија, е близок со Орбан со децении, надгледувајќи ја неговата огромна медиумска машина и изборните кампањи, што во голема мера придонесе за контролата на власта на унгарскиот лидер четири последователни мандати. Тој го води кабинетот на Орбан и ги надгледува и унгарските разузнавачки служби.

Според меѓународните набљудувачи, корупцијата во Унгарија значително се влоши откако Орбан ја презеде функцијата во 2010 година. Во 2023 година, Транспаренси интернешнал ја рангираше земјата на последното место меѓу членките на ЕУ според нејзиниот индекс на перцепција на корупцијата.

Само пред шест дена Унгарија го загуби правото на помош од ЕУ од над 1 милијарда евра бидејќи „не успеа да се справи со корупцијата, ги прекрши правилата за јавни набавки и недостатокот на контрола и транспарентност“.

Овој потег се подготвува веќе три години.

„Денешното назначување не беше одлука што Соединетите држави ја зедоа лесно. Не е вообичаено САД да назначат актуелен министер. Уште поретко тоа да се прави во сојузничка земја“, се вели во изјавата на Пресман.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, остро ја критикуваше одлуката на Вашингтон, велејќи дека тоа е чин на одмазда, организирана од американскиот амбасадор во Унгарија, Дејвид Пресман.

„Ова е лична одмазда кон Роган Антал на амбасадорот испратен од неуспешната американска администрација во Унгарија, кој си заминува безуспешно и срамно“, напиша Сијарто во објавата на Фејсбук.

„Колку е убаво што за неколку дена Соединетите Држави ќе бидат предводени од луѓе кои на нашата земја гледаат пријател, а не непријател“, додаде тој.

Дорка Такачи, истражувач во Центарот за евроатлантска интеграција и демократија, рече дека санкциите се „јасна порака до режимот на Орбан“.

„[Роган] е шеф на робусната пропагандна машина која, во голема мера, ја одржува владата на Орбан на власт и спроведува остри, континуирани антизападни комуникациски кампањи финансирани од парите на даночните обврзници повеќе од една деценија. рече таа.

Такачи рече дека отстранувањето на Роган од списокот со санкции ќе биде тежок процес, дури и ако постои политичка волја од идната администрација. „Унгарскиот министер чии активности активно ги поткопуваат стратешките интереси на САД најверојатно нема да биде главен приоритет, и покрај одличните лични односи меѓу Трамп и Орбан на ниво на зборови“, додаде таа.

Орбан е најлојалниот и најгласниот поддржувач на Трамп во ЕУ од 2016 година и јавно призна дека бил вклучен во „системот за пишување политики“ на новоизбраниот претседател.