Вечерта пред убиството на Панче Жежов: Обвинетите се собрале кај Велибор Манев

На денешното судење за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски обвинителството покажа снимки со кои тврди дека се подготвувало убиството на велешанецот. Снимките се од видеонадзор од предворјето на куќата на обвинетиот Велибор Манев.
Во 22 часот, на друга камера на Манев, се гледа дека е паркирано возилото „шкода фелиција” на Видевски. Малку подоцна, пристигнува „рено кангу“ и од него од совозачкото место излегува Влатко Кешишев. Влегува во куќата на Манев. Потоа од „реното“ од возачкото седиште излегува Љупчо Палевски. Се упатува кон домот на Манев, заедно со Кешишев.
По 20-тина минути, Кешишев и Манев товараат празни галони во „кангуто“ на партијата Десна” со кое дојде Палевски, ставаат и други предмети.
Потоа „мерцедес“, сопственост на Велибор Манев, доаѓа од правецот од Велес и влегува во дворот. Потоа, на снимката се гледа како Кешишев излегува од куќата, носи нешто црно во раката и оди кон „кангуто”.
По него, излегува Манев кој само што доаѓа од некаде, со два полни галона во рацете и оди кон „кангуто“. Се враќа кон куќата со празни раце. По него се враќа и Кешишев, и тој не држи ништо во рацете.
Потоа излегува Кешишев, по него Манев, па Љупчо Палевски. Во десното уво има црна слушалка.
По него излегува и Велибор Манев, па Боре Видевски, во чие десно уво се забележува црна слушалка.
Сите четворица излегуваат од куќата на 21,11. во 22,45 часот. Боре, Влатко и Велибор стојат, држат радиостаница „моторола“.
Надвор разговараат Палчо и другите и зборуваат на радиостаниците, ги тестираат дали работат.
Се гледа дека Палевски на својата јакна има закачено микрофон, како и Манев и Видевски.
Сите четворица тргнуваат пешки во правец на Велес. На овој правец е и куќата на Панче Жежовски. Тој е сосед со обвинетиот Велибор Манев.
Потоа кај 22.56 часот се гледа како Кешишев пешки се враќа и се упатува кон „кангуто”. Во 22,58 часот се забележува како со него се упатува во правец кон градот, односно кон останатите обвинети.
Во 23,26 часот се забележува „кангуто“ кое паркира пред „шкодата“. Од него излегуваат Кешишев и Палевски, кој зборува на микрофон што го држи во десната рака. Потоа од правецот од Велес, доаѓаат Велибор Манев и Боре Видевски. Сите четворица стојат пред куќата на Манев и зборуваат. Во 22,28 часот Кешишев оди во „кангуто“, овие влегуваат во куќата.
На истата камера се гледа како сите четворица излегуваат од куќата на Манев и влегуваат во паркираното „кангу”.
Се враќаат и излегуваат пак во мугрите утрото во 6,33 минути, според обвинителството, да го убијат 74-годишниот сосед Панче Жежовски, да му го земат стариот „ситроен“ и по 5 дена со него да ја киднапираат и убијат Вања Ѓорчевска во Скопје.
„Во 7,10 часот се гледа како од куќата излегува Палевски, по него Кешишев и Видевски и тројцата одат кон ‘реното кангу’. Поминува некое друго возило, а Кешишев и Видевски потклекнуваат за да не бидат видени. Потоа од куќата излегува и Манев кој во своето десно уво има црна слушалка. И тој оди кон ‘реното кангу’. Во 7,11 Велибор го зема кучето кое е на улица и го внесува во дворот. Од записите се гледа дека Палевски носи јакна која има три бели ленти на ракавите, а Манев носи тренерка која на ракавите има три бели ленти. Ова е од значење бидејќи на минатото рочиште беа презентирани видео записо од камерите на хотелот ‘Романтик’ кај Велес, каде се гледаше дека две лица, едно во возилото ‘цитроен’, едно во возилото ‘рено кангу’, на своите ракави имаат бели ленти. Потоа Манев излегува од дворот и се упатува пеш кон Велес, а во таа насока се наоѓа куќата на Панче. По него и ‘реното кангу’ се придвижува во таа насока – додаде обвинителката Ана Стојковиќ-Димитровска.