Демонстрантите во Дерна, гневни по поплавите, ја запалија куќата на градоначалникот
Запалена е куќата на либискиот градоначалник во градот Дерна, откако стотици демонстранти бараа одговори за минатонеделните катастрофални поплави.
Тие се собраа во понеделникот вечерта во познатата градска џамија Сахаба, а многумина извикуваа дека највисоките функционери на источната либиска влада треба да бидат сменети.
Целиот градски совет на Дерна сега е распуштен.
Домот на градоначалникот на Дерна, Абдулменам ал Гаити, стана фокус на гневот на луѓето.
Жителите велат дека не биле доволно предупредувани од официјалните лица, за кои веруваат дека требало да знаат дека доаѓаат огромните врнежи.
Тие велат дека биле предупредени и да останат дома наместо да им се каже да се евакуираат, иако властите тоа го негираат.
Од соборувањето на долгогодишниот лидер Моамер Гадафи, Либија е растргната од борба за моќ и во моментов има две влади – едната признаена од ОН со седиште во Триполи, а другата на истокот на земјата поддржана од воениот лидер генерал Калифа Хафтар.
Да потсетиме, стотици луѓе протестираа против либиските власти во градот Дерна на истокот на Либија по разорните поплави во овој град.