Демонстрации низ Германија поради поврзувањето на ЦДУ и екстремната десница


Демонстрации пред главното седиште на ЦДУ во Берлин (Фото: АФП)

 

По заедничкото гласање на конзервативната фракција ЦДУ/ЦСУ и екстремно десничарската Алетнатива за Германија (АфД) во Бундестагот за построга миграциска политика, илјадници луѓе демонстрираат ширум Германија. Само во четвртокот и петокот беа регистрирани 90 демонстрации низ Германија, рече активистката на „Петоци за иднината“, Луиза Нојбаер.

Во Минхен неколку илјади луѓе демонстрираа пред седиштето на партијата ЦСУ во четвртокот. Организаторите говорат за до 10.000 учесници, полицијата проценува дека бројката е 7.000. „ЦДУ/ЦСУ ги отвора вратите за десничарските екстремисти – ние им се спротивставуваме!“ гласи апелот од сојузот „Минхен е шарен!“.

Според првичните проценки на полицијата, во Лајпциг се собрале околу 5.000 луѓе. Според полицијата, околу 6.000 луѓе демонстрирале пред седиштето на ЦДУ во Берлин против постапките на лидерот на ЦДУ Фридрих Мерц. Неколку активисти упаднаа и во канцеларија на окружното здружение на ЦДУ во Шарлотенбург-Вилмерсдорф. „Не ја толерираме соработката на ЦДУ со АфД и не толерираме никаква друга расистичка миграциска политика во Германија“, рече еден од активистите.

Некои од демонстрантите, облечени во заштитни елеци и респираторни маски, седнаа на масата во малата соба. Еден од активистите побара од еден човек во канцеларијата да му се јави на берлинскиот градоначалник Каи Вегнер. Според полицијата, тоа завршило по околу еден час. Немаше поголеми немири.

На настанот од изборната кампања во Дрезден, кандидатот на ЦДУ/ЦСУ за канцелар Фридрих Мерц ја повика СПД да го поддржи неговиот нацрт-закон за миграција. „Нема да се откажам од надежта до крајот дека социјалдемократите ќе најдат сила да се согласат со нашиот предлог“, рече тој. Бундестагот в петок треба да гласа за нацрт-законот на ЦДУ/ЦСУ. Тој не бара „мнозинства надвор од широкиот спектар на политичкиот центар“, рече Мерц.

Неколку стотици луѓе демонстрираа пред местото на одржување против гласањето на ЦДУ/ЦСУ со гласовите на АфД. Внатре во салата, околу една третина од седиштата останаа празни за време на говорот на Мерц, бидејќи демонстрантите ги блокираа пристапните правци за гостите. Мерц повтори дека ниту „ќе води разговори“ со АфД ниту „ќе формира коалиција“.

Мерц одговори, барем индиректно, на критиките од поранешната канцеларка Ангела Меркел. Фактот дека АфД е претставена во Бундестагот од 2017 година има многу врска со постапките на владата во последните години: „Да ги правевме работите подобро тогаш, АфД немаше да влезе во Бундестагот“. Како канцелар, Мерц рече, тој сакал да ги искористи своите политики за да се осигура дека „ Алтернатива за Германија повеќе не е потребна во оваа земја“.