„Делта холдинг“ го купи белградскиот центар „Сава“


„Делта холдинг“ стана нов сопственик на Центарот „Сава“, по почетна продажна цена од 17,5 милиони евра, јавија медиумите од регионот.

Продажбата на најголемиот конгресен центар во Србија – Центарот „Сава“ беше извршена утрово на јавен тендер. Ова беше трет обид за продажба на овој симбол на Белград. Конгресниот центар „Делта“ беше единствениот понудувач на јавната продажба на центарот „Сава“, објавена од Градот Белград.

Предвидено е купувачот да инвестира најмалку 50 милиони евра во адаптација и реконструкција на конгресниот комплекс, кој се наоѓа на речиси три хектари градежно земјиште, во рок од пет години. Купувачот, освен тоа што треба да вложи најмалку 50 милиони евра во адаптација и реконструкција на конгресниот комплекс во рок од пет години, има обврска да не ја менува намената на Центарот „Сава“.

Тој и натаму треба да остане во функција на конгресен туризам, имајќи предвид дека објектот ужива статус на претходна заштита. Уметничко-историските дела, како недвижни и подвижни културни добра во зградата, не се предмет на продажба.

„При склучување на договорот со купувачот, ќе се договори казна во износ од 20 проценти од постигнатата купопродажна цена, во случај идниот купувач да не ги исполни целосно или делумно обврските, како и да обезбеди банкарска гаранција од прва класа како обезбедување за можна исплата на договорната казна“, се наведува во јавниот оглас објавен од Градот Белград.