Деловите од кинеската ракета ќе паднат на Земјата во недела наутро
ШАНГАЈ – Остатоците од најголемата кинеска ракета лансирана минатата недела се очекува да поминат низ атмосферата доцна во сабота или рано во недела, соопштија во саботата европските и американските центри за следење.
Кинеското Министерство за надворешни работи во петокот соопшти дека повеќето остатоци од ракетата ќе изгорат при повторното влегување и многу веројатно нема да предизвикаат штета, откако американската армија соопшти дека она што го нарече неконтролирано повторно влегување го следи американската вселенска команда.
Евсропската вселенска програма на својата веб-страница соопшти дека статистичката веројатност за влијание на земјата во населените места е „мала“, но истакна дека неконтролираната природа на објектот ги прави несигурни сите предвидувања.
Ракетата „Долгиот марш 5Б“ – која се состои од еден основен дела и четири засилувачи – се крена од кинескиот остров Хаинан на 29 април со модулот без екипаж „Тијанхе“, кој содржи она што ќе стане станбен простор на постојаната кинеска вселенска станица. Ракетата треба да биде проследена со уште 10 мисии за завршување на станицата.
Ракетите од „Долгиот марш 5“беа составен дел на кинеските блискорочни вселенски амбиции – од испорака на модули и екипаж на нејзината планирана вселенска станица до лансирање истражувачки сонди до Месечината, па дури и до Марс.
Астрофизичарот од Харвард, Џонатан Мекдауел, претходно изјави за Ројтерс дека има шанси парчињата од ракетата да се спуштат на копно, можеби во населено место, како во мај 2020 година, кога на Брегот на Слоновата Коска паѓаа делови од првиот „Долг марш 5Б“, оштетувајќи неколку згради, иако немаше извештаи за повредени.
Остатоците од лансирањето кинески ракети не се невообичаени во Кина. Кон крајот на април, властите во градот Шијан, провинција Хубеи, издадоа известување до луѓето во околниот округ да се подготват за евакуација, бидејќи се очекуваше делови да паднат во областа.
„Повторното влегување во атмосферата на ‘Долгиот марш 5Б’ е невообичаено затоа што за време на лансирањето, првата фаза на ракетата достигна орбитална брзина наместо да паѓа под опсегот, како што е вообичаена практика“, рече Аероспејс корпорацијата во блогот.
„Празното ракетно тело сега е во елиптична орбита околу Земјата каде се влече кон неконтролирано повторно влегување“.
Празното јадро ја губи својата надморска височина од минатата недела, но брзината на нејзиното распаѓање во орбитата останува неизвесна поради непредвидливите атмосферски промени.
Тоа е едно од најголемите парчиња вселенски остатоци што се враќаат на Земјата, а експертите проценуваат дека нејзината сува маса е околу 18 до 22 тони. (Ројтерс)