Дељан Пеевски рeши ДПС да ги напушти европските либерали пред да го исклучат
Контроверзниот бугарски олигарх Дељан Пеевски не сакаше да чека Алијансата на либералите и демократите во Европа (АЛДЕ) да го исклучи од своите редови, туку им напиша писмо во кое ги известува дека партијата што тој ја презеде, ДПС ,го прекинува членството во формацијата. Во став испратен до бугарските медиуми, се известува и дека европратениците кои останаа лојални на политичарот санкциониран од САД и Велика Британија – Елена Јончева и Танер Кабилов, ќе ја напуштат групата Обнови ја Европа во Европскиот парламент.
Ова се случува откако вчера, веднаш по завршувањето на партискиот форум на ДПС, Бирото на АЛДЕ соопшти дека едногласно одлучило да препорача исклучување на ДПС поради изборот на Дељан Пеевски за претседател. Беше објавено и дека исклучувањето ќе се случи „во првата можност“, а новиот водач на партијата беше наречен „штетен за демократските принципи и политичката стабилност во Бугарија“.
Од партискиот прес-центар денеска соопштија дека одлуката за напуштање на АЛДЕ е донесена по темелна анализа и дебата во партијата поврзана со иднината и основните вредности врз кои треба да се градат и следат развојните приоритети.
Во писмото се изразува разочарување од дистанцирањето на европските либерали од народната агенда и нивната концентрација на политиките поврзани со одредени групи и интереси, кои не се адекватни на проблемите и темите што ги интересираат луѓето во Европа и Бугарија.
Претставниците на ДПС не ја напуштаат само групата Обнови ја Европа во ЕП, туку го прекинува членството во Либералната интернационала и сите сродни либерални организации, се наведува во писмото.
Либералите во ЕП бараат исклучување на бугарското ДПС од нивната група