Делегација на Венецијанската комисија дојде во Македонија да го испита укинувањето на „балансерот“


Делегација на Венецијанската комисија  вчера имала средба со претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и со судијката Ана Павловска-Данева на која, меѓу другото, било разговарано и за т.н. „балансер“, алатката за вработување според национална припадност во државните институции, која Уставен ја укина лани во октомври. Вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење Арбен Фетаи соопшти дека претставниците на Венецијанската комисија се во Скопје на покана на Владата, упатена на 11 јули годинава, а во врска со мислењето што Комисијата треба да го даде за Законот за правична и соодветна застапеност што треба да го замени т.н. „балансер“.

Како што информираше Фетаи, владиниот тим одржал плодна дискусија со делегацијата за нацрт-текстот на законот. Тој наведе дека предлог-законот е доставен на мислење до Венецијанската комисија од една суштинска причина, а тоа е ова законско решение да биде целосно усогласено со Уставот на земјата и европските стандарди, со што нема да се остави простор за толкувања или спорови во иднина.

„Упативме четири прашања до оваа Комисија за мислење. Дали овој закон го унапредува уставниот принцип на правична и соодветна застапеност, земајќи ја предвид одлуката на Уставниот суд за укинување на ‘балансерот’? Дали нацрт-законот промовира еднаквост преку позитивна акција и со елиминирање на бариерите за вработување? Дали предлог-законот е во согласност со другите уставни принципи, како основање, слобода и права, слободното изразување на етничка припадност, владеењето на правото и заштита на приватноста на сите граѓани? Дали владиното координативно тело формирано со овој закон е ефикасен механизам за обезбедување, почитување, афирмација, подобрување, унапредување и следење на принципот на правична и соодветна застапеност“, рече Феати.

Тој изрази уверување дека мислењето на Венецијанската комисија за овие четири прашања, кое е во подготовка, ќе биде гаранција за донесување на, како што кажа, силен и одржлив закон, како од уставно-правен, така и од институционален аспект. Според Фетаи, со овој закон правичната застапеност првпат станува јасна и законска обврска за секоја институција и на локално ниво.

„Дополнително, за шест месеци ќе се прави и усогласување на сите домашни закони кои директно или индиректно го засегаат прашањето на соодветна застапеност. По добивањето на мислењето од Комисијата, законот наскоро ќе стигне во Собранието и ќе влезе во парламентарна постапка и се надевам дека ќе добие широка поддршка што заслужува еден ваков сеопфатен проект“, рече фетаи. Тој очекуваше мислењето од Комисијата да го добијат на почеток на декември.

 Уставниот суд го укина т.н. „балансер“ на 9 октомври минатата година. Одлуката да поведе постапка за „балансерот“ Уставниот суд ја донесе на 18 септември, по седницата на која судиите расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „балансерот“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

Предметот во Уставен беше оформен по иницијатива поднесена од претходниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи оттаму сметаа дека преку алатката се прават злоупотреби при вработувањата.

Одлуката за поведување постапка за „балансерот“, како и неговото укинување предизвикаа реакции кај партиите на Албанците, особено оние во опозиција. Од ДУИ одлуката на Уставниот суд ја оценија како почеток на уништувањето на меѓуетничките односи, што ќе отвори нови проблеми, кои, како што наведоа од партијата, ќе доведат до рушење на основните темели на Охридскиот договор.Од друга страна, од коалицијата на партии на Албанците ВЛЕН, која е дел од Владата, уште тогаш најавија дека се подготвува нов закон за правична застапеност во кој ќе бидат отстранети недостатоците на „балансерот“.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски на прес-конференцијата по одлуката за укинување на т.н. „балансер“ како лага и манипулација ги оцени тврдењата дека со тоа Уставниот суд укинува права на заедниците во државата.