Дел од парите за влезниците на Саемот за мебел ќе бидат донирани за семејствата погодени од трагедијата во Кочани


 Саемот на мебел 2025 е настан што традиционално привлекува голем интерес, а годинава, под слоганот „Инспирација за секој дом“, подготвуваме уште побогато искуство за сите љубители на дизајнот, ентериерот и мебелот, вели извршната директорка на Скопски саем, Даниела Глигоровска.

Како што истакнува Глигоровска, од денеска до 30 март, во комплексот „Борис Трајковски“ посетителите ќе имаат можност да ги откријат најновите трендови, да уживаат во голем избор на мебел и декорации, како и да искористат големи ексклузивни саемски понуди. Но, посебна гордост, нагласува директорката, е тоа што Саемот ќе има и хуманитарна димензија, бидејќи дел од средствата за влезниците ќе бидат донирани во Фондот за солидарност на Црвениот крст за поддршка на семејствата погодени од трагедијата во Кочани. Дополнително, ќе бидат поставени специјални кутии за донации, овозможувајќи на секој посетител да даде свој придонес.

На Саемот ќе се претстават повеќе од 50 брендови.

-Годинава воведовме четири тематски зони: двор и градина, аксесоари за домот и осветлување, мебел и внатрешен дизајн и рачни изработки и пратечка индустрија, со што ќе им овозможиме на посетителите полесно да ги откријат најновите трендови и да најдат се што им е потребно за уредување на домот или работниот простор. Покрај изложбените содржини, со особено внимание се фокусираме и на удобноста на посетителите. Со секоја купена влезница, посетителите ќе добијат бесплатно кафе од брендот Saccaria, за да можат во пријатна атмосфера да ги разгледаат понудените новитети. Дополнително, нашиот долгогодишен партнер „Комерцијална банка“ АД Скопје ќе обезбеди атрактивни финансиски решенија, со цел полесно и подостапно реализирање на идеите за уредување на домот. Ги поканувам сите љубители на мебелот, ентериерниот дизајн и иновациите, како и сите кои сакаат да го разубават својот дом или работен простор, да не посетат од денеска до 30 март (недела) и да ја пронајдат својата инспирација на Саемот на мебел 2025, вели Глигоровска.

Цената на влезниците изнесува 150 денари за еден посетител, односно 250 денари за две влезници, за двајца посетители на саемот. За деца до 12 години заедно со родител, влезот е бесплатен. Влезниците може да се набават на билетарите на влезот на Саемот на мебел. Главниот влез за посетители ќе биде обележан и ќе се наоѓа од западната страна на Арена „Борис Трајковски“ (страната на лизгалиштето).