Дел од автобусите за ЈСП треба да стигнат годинава – БРТ се откочува


Фото: Б. Грданоски

Дел од 100-те автобуси кои Владата ги вети за потребите на ЈСП „Скопје“  треба да стигнат годинава, рече градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски на денешната седница на Советот.

Тој рече дека дополнително со продолжување на БРТ проектот, ќе бидат набавени уште 30 автобуси. 

„Од ЕБОР утринава ни е стигнато писмо со коешто конечно се откочува и го продолжуваме проектот поврзан со БРТ и изградба на истиот. Она што нас ни следи како обврска и треба да го испорачаме е да формираме проектна единица за многу скоро време и да направиме измена во планот за јавните набавки. Освен овие 100 автобуси коишто Владата треба да ги испорача за Градот Скопје, ќе има уште најмалку 30 автобуси коишто преку проектот БРТ ќе бидат дополнително обезбедени од Градот Скопје и за брзо ќе ја започнеме тендерската постапка и со тоа“, рече Ѓорѓиевски.