Дејвид Атенбороу со нов документарец го одбележува својот 99. роденден


Лондон – Сер Дејвид Атенбороу го претставува, како што вели, еден од најважните филмови во својата кариера, додека навлегува во 100-та година од животот.

На премиерата на документарниот филм „Океан“, во британската Кралска фестивалска сала, ќе има, наместо црвен – син тепих. Се очекува да присуствуваат голем број познати личности, меѓу кои и поп-ѕвездата Крис Мартин и „Колдплеј“, глумецот Бенедикт Камбербач, астронаутот Тим ​​Пајк, Гери Халивел-Хорнер и Сајмон Лебон. Британскиот истражувач и документарист, вели, верува дека овој филм може да одигра одлучувачка улога во спасувањето на биолошката разновидност и заштитата на планетата од климатските промени.

Сер Дејвид денеска полни 99 години. Според ИМДБ, претстојниот документарец би бил 51-от негов проект како автор и сценарист.

– По речиси 100 години на планетава, јас сега знам дека најважното место на Земјата не е на копно, туку во морето. Океанот е систем за поддршка на човештвото и најголем сојузник против климатската катастрофа, вели тој во филмот, покажувајќи како светските океани се на крстопат.

Од 1957., кога првпат влегол во океанот, како што сер Дејвид сведочи, има „катастрофален пад на живиот свет“ во океаните.

– Речиси ни истече времето, предупредува истражувачот.

Продуцентот на „Океан“, Тоби Нолан вели дека новиот проект не е „типичен филм на Атенборо“. Филмот документира како состојбата на светските океани и нашето разбирање за тоа како тие функционираат се променија за време на животот на сер Дејвид.

– Тоа е најголемата порака што некогаш ја испорачал!, вели Нолан.

„Океан“ содржи експлицитни снимки за штетата којашто може да ја предизвика непрописниот риболов ширум целиот свет – особно оној што се одвива на длабокото морско дно.

– Ова е жив пример за тоа како индустрискиот риболов може да го исцрпи животот од светските океани… Тие (риболовците) често одат по само еден вид – повеќе од три четвртини од она што можат да го отфрлат. Тешко е да се замисли порасипнички начин за фаќање риба, тврди авторот.

Новиот документарец покажува и како ланците што ги влечат ловците го струга морското дно, собирајќи ги во мрежа зад него сите суштества кои го населуваат тоа подрачје. Сѐ тоа, се вели, ослободува огромни количини јаглерод-диоксид којшто води кон затоплување на планетата Земја. Сепак, ловењето на дното не само што е легално, туку е активно охрабрувано од многу влади ширум светот денеска.