Деиндустријализација на Европа?

Стравувањата од деиндустријализација можеби се претерани, но загриженоста на Германија - и, по екстензија, на цела Европа - дека континентот ја губи играта од Соединетите Држави и Кина има основа


Европската индустрија е загрозена од две големи закани: високите цени на енергијата и Законот за контрола на инфлацијата (ИРА) на американскиот претседател Бајден, кој во основа е понуда и поттик за европските зелени индустрии да се преселат во САД. Дали некогашните индустриски зони на Европа ќе се претворат во музеи на ‘рѓосани машини? Дали Германија ќе ја доживее траумата низ која помина Велика Британија по затворањето на фабриките, кога висококвалификуваните производствени работници мораа да прифатат лошо платени работни места за кои не беа потребни високи вештини и висока продуктивност?

Тоа е закана која одекнува низ европските центри на моќ. Германскиот канцелар Олаф Шолц веднаш предложи создавање на фонд на ЕУ за давање државна помош за компаниите кои би можеле да бидат во искушение да ја прифатат американската понуда и да се преселат. Меѓутоа, ако се земе предвид колку бавно се движи Европа, особено кога се поставува темата за заедничко задолжување за финансирање било што, прашање е дали европските субвенции ќе бидат навремена и доволна противмерка. Германската автомобилска индустрија е добар пример. Враќањето на инфлацијата ја погодува автомобилската индустрија од две страни: освен што ги одвраќа новите купувачи, зголемувањето на цените на горивото истовремено ги зголемува и трошоците за производство. Имајќи предвид дека голем дел од германската индустрија директно зависи од производството на автомобили, некои коментатори веќе предупредуваат дека овој тренд води кон деиндустријализација на земјата. Нивните стравови се оправдани, но анализата на која се потпираат ја промашува суштината на проблемот.

Со забрзување на транзицијата кон производство на електрични автомобили, истовремено зголемувајќи го уделот на искористената енергија од обновливи извори, германските производители веќе покажаа способност да одговорат на предизвиците на зелената транзиција и зголемените цени на фосилните горива. Со соодветна владина помош, било од германски или од европски фондови, тие веројатно ќе можат да го одржат производството во Германија на исто ниво во догледна иднина.

Стравувањата од деиндустријализација можеби се претерани, но загриженоста на Германија – и, по екстензија, на цела Европа – дека континентот ја губи својата игра од Соединетите Држави и Кина има основа. Транзицијата кон електрични возила, која сега е забрзана со инфлацијата на цените на енергијата, ја ограничува моќта и капацитетите на европскиот капитал. Во споредба со капиталистите во Америка и Кина, капиталистите во Европа заостануваат во акумулацијата на она што јас го нарекувам капитал во информациски облак.

Ајде да видиме на што се заснова моќта на германскиот капитал: прецизна механика и електротехника. Германските производители на автомобили го направија своето богатство со производство на висококвалитетни мотори со внатрешно согорување и поврзаната опрема (менувачи, оски, диференцијали и така натаму) потребна за пренос на моќта на моторот на тркалата. Електричните автомобили имаат помалку барања во однос на механиката. Во случајот со електричните автомобили, голем дел од додадената вредност е обезбедена од вештачката интелигенција и паметниот софтвер што го поврзува автомобилот со информацискиот облак – облак во кој германските капиталисти очигледно не инвестирале доволно во последните неколку децении.

Дури и ако, со одобрување помош, Европската унија успее да ги убеди „Фолксваген“, „Мерцедес-Бенц“ и БМВ да го напуштат своето преселување во Соединетите Држави, каде што можат да сметаат на придобивките од ИРА, и да продолжат да произведуваат електрични модели во Европа, автомобилската индустрија во Германија и Европа нема да биде попрофитабилна како порано. Растечкиот дел од профитот генериран од производството на електрични автомобили не доаѓа од продажбата на самиот хардвер, туку од апликациите кои потоа се продаваат на сопствениците (сегашни или идни) – исто како што „Епл“ собира третина од приходите од сите креатори на апликации за уредите на „Епл“ што корисниците ги купуваат преку „Епл стор“. Кога на ова ќе се додаде вредноста на податоците генерирани од движењето на автомобилите, складирани во базите на податоци на информацискиот облак, не е тешко да се види зошто капиталот во облакот во голема мера го засенува аналогниот копнен капитал врз кој се базира европското богатство.

Нешто слично се случува и во енергетскиот сектор. Забавувањето на пандемијата и остриот скок на цените на енергијата им донесоа богатство на компаниите кои тргуваат со нафта и гас. Така животот на индустријата за фосилни горива беше продолжен, исто како што порастот на цената на пченката во Велика Британија поради прекините на снабдувањето за време на Наполеоновите војни им вдахна нов живот на британските феудалци. Но, таквите екстензии не траат долго. Веќе во 20-тите години на 19 век, капиталистичкиот профит го надмина приходот добиен од краткорочното обновување на феудалната рента на земјиштето; постпандемиската инфлација денеска ги отвора вратите на енергетскиот сектор за влез на капитал од информацискиот облак.

Индустријата за фосилни горива е домен во кој царува погрешен сојуз на феудалното договорно право и капиталот на земјата: тоа е индустрија која се потпира на лиценци за дупчење на одредени области на земјиште или морско дно, за што владите и приватните сопственици на земјиште наплаќаат старинска земјишна закупнини. Оваа индустрија користи наследни капитални добра, како што се платформи за нафта, танкери, цевководи, пловечки постројки за преработка, кои внесуваат фосилни горива во огромен, високо концентриран и вертикално интегриран систем на електрани чија економија и естетика потсетуваат на фабрика од 19 век – „темнината на сатанските предилници“ од песната на Вилијам Блејк.

Обновливите извори на енергија, од друга страна, најефикасно се искористуваат на децентрализиран начин, користејќи соларни панели, ветерни турбини, топлински пумпи, геотермални единици, постројки за бранова енергија и така натаму, уреди кои се хоризонтално интегрирани во еден вид невронска мрежа што вклучува капитал во информацискиот облак. Без високи барања за лиценцирање и прашања за изнајмување на земја, нивната продуктивност зависи првенствено од паметните мрежи, софистицираниот софтвер и вештачката интелигенција.

Накратко, распоредувањето на капиталот во облак го прави развојот на зелената енергија капитално интензивен, што е случај и со индустријата за електрични автомобили. Оттука, дури и ако успее да го задржи масовното индустриско производство на соларни панели, турбини на ветер и друга зелена опрема на своја територија со доделување субвенции, Европа нема да може да има корист од најпрофитабилниот дел од синџирот на вредности: а тоа е овде капиталот во облак кој овозможува работа на мрежите на зелена енергија.

Без оглед на тоа дали зголемената инфлација води до деиндустријализација, европската преработувачка индустрија секако ќе мора да усвои производни методи кои повеќе се потпираат на капитал во облак, каков што Европа нема доволно. Во пракса, тоа значи дека неуспехот во реализацијата на приносот од капитал во облак ќе доведе до опаѓање на вишоците на германската индустрија – и последично со пад пад на европската економија која зависи од нив.

(Јанис Варуфакис, поранешен министер за финансии на Грција, е лидер на партијата МеРА25 и професор по економија на Универзитетот во Атина. Текстот е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)