Дарко Стојанов e првиот пациент вратен од Белград: Гушнете ги најблиските, кажите им дека ги сакате


Дарко Стојанов е првиот пациент кој се врати од лекување од Белград, кој беше повреден во трагедијата во Кочани. Тој вчера беше пречекан од министерот за здравство Арбен Таравари, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и директорот на ЈЗУ Клиника за Токсикологија – Скопје, Андон Чибишев.

Чибишев вчера кажа дека вратениот пациент од Србија е во сосема подобрена општа клиничка состојба и оти ќе се направат уште неколку клинички иследувања за да бидат сигурни дека може да го пуштат дома.

Додаде дека според Планот на Кризниот штаб има подготвено повеќе тимови, кои се составени од психијатри и психолози кои ќе работат со пациентите кои се лекуваат во земјава и тие што ќе се вратат од странство. 

Таравари, при пречекот на пациентот од странство, рече дека според протоколите кои што веќе беа прифатени од Кризниот штаб во Министерството за здравство, секој пациент што се враќа во земјата минимум 24 часа ќе биде следен од клиниката каде што ќе биде тријажиран и ќе биде на Клиниката за токсикологија.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, пак, соопшти дека ќе продолжи постепено враќањето на пациентите кои се лекуваат по болници во странство кои се наоѓаат во добра здравствена состојба.

Дарко Стојанов, пак, утрово се обрати на социјалните мрежи со благодарност до лекарите кои го спасиле неговиот живот, како и до сите кои што му давале поддршка во овој тежок период на закрепнување. Тој вели дека неговата здравствена состојба е добра и стабилна и оти сега ќе следува малку подолг процес на опоравување, додека да бидат санирани сите последици.

Во моментов 113 пациенти повредени во страотниот пожар во Кочани се лекуваат во странство. Од нив, во теков на денов се очекува да се вратат пет, а во текот на утрешниот ден уште четворица.

Во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 лица, а над 180 се повредени.