Дарио се што ќе допре, претвара во злато: Нов албум и предновогодишно дружење со новинарите


Важи за „златен дечко“ на македонската поп-естрада. Годините не му можат ништо, хитовите од четиридецениската кариера уште му се вртат во етерот, се бара влезница повеќе за неговите концерти и настапи. Се уште е срдечен, љубезен, професионален, еден од најдобро облечените пејачи кај нас, и по многу години во маркетинг и бизнис води, сега е посветен само на музиката. 

Неговите песни се посветени најчесто на понежниот пол и со интересни наслови: „Ладна како камен“, „Косоока“ ,„Викни ме на чај“, „Дај да заспијам“, „Дупла вотка“. .., а сега, пред Нова година, ги собра „омилените ВИП музички новинари“ на лежерна промоција на новиот 11 албум, „Ковчег со злато“, на кој се поместени 11 композиции. Музиката и текстот се на Дарио, аранжманот и продукцијата на Кристијан Габровски, а албумот е посветен на, како што стои на обвивката,  големиот човек Тоше Поп Симонов. 

Во убава атмосфера, со вино и мезе, Дарио ни сподели дека за Нова година нема да настапува, ќе му се посвети на семејството и на пријателите, а на целата јавност ѝ посака најубава и берикетна Нова 2026 година. 

Дарио, кој ја почна кариерата во 80-тите со „Бон-Тон’, сподели  тажна и лична објава на неговиот ФБ профил, по повод смртта на Драган Б. Костиќ, истакнат македонски музички новинар, радиоводител и еден од најпрепознатливите гласови во историјата на Македонското радио. 

-Драгче мој.. ментор, идол, едукатор, советник, пријател, другар, па и повеќе од тоа, ние бевме фамилија. Да не беше Ти, немаше своевремено да се слушне за мојот прв бенд „Бон-Тон“, а благодарение на тоа и започна целата моја музичка приказна. ТИ БЛАГОДАРАМ. 🤍Да не беше Ти, немаше денес да се сеќавам на буквално безброј минатите ноќи кај Тебе дома во преслушување на најновите плочи, гледањето и навивањето на Евровизии, бескрајните разговори и совети до раните утрински часови, редовното заедничко пешачење од диско до дома и најнајнајубавите вечери што ни ги подари во диско “Турист” кога мислевме дека сме на врвот на светот.
И знаеш што? Кога сега убаво ќе размислам, и навистина бевме, само што тогаш не сме го знаеле тоа. ТИ БЛАГОДАРАМ. И конечно, да не беше токму Ти, немаше да ја запознаам мојата Бојана и да ги имаме овие прекрасни заеднички 40 години.
ТИ БЛАГОДАРАМ. Затоа Драгче мој најдраг, нека Ти е вечна слава! ТИ БЛАГОДАРАМ ЗА СЕ’! – напиша Дарио. (Л.С.)