Данокот на солидарност ќе треба да се плати до 31 мај годинава

Како основа за оданочување ќе биде профитот кој е над 20 отсто од просекот во претходните три години и тој износ ќе се оданочува со стапка од 30 отсто, стои во Предлог – законот за данок за солидарност кој што е на дневен ред на 103. Собраниска седница


 

Данокот на солидарност ќе треба да се плати најдоцна до 31 мај годинава. Од оваа давачка Владата очекува да собере 4,7 милијарди денари или околу 76,4 милиони евра, како вонредни буџетски приходи кои ќе бидат наменети за справување со последиците од енергетската и од ковид кризата. Инаку, како основа за оданочување ќе биде профитот кој е над 20 отсто од просекот во претходните три години и тој износ ќе се оданочува со стапка од 30 отсто. Ова стои во Предлог – законот за данок за солидарност кој што Владата го достави до Собранието на 1 овој месец, а е на дневен ред на 103. Собраниска седница.

За оној дел од добивката што нема да потпаѓа под одредбите на данокот на солидарност, компаниите ќе плаќаат данок со стапка од вообичаените десет отсто.

Оваа вонредна давачка, која што ќе треба да ја платат компаниите кои лани имале приход од над 10 милиони евра и кои оствариле значително поголем профит од вообичаено, е еднократна, односно се однесува на финансиските резултати кои компаниите ги имале во текот на 2022 година.

„Обврзник за плаќање на овој вид на данок е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари. Даночната основа за пресметување на данокот за солидарност претставува позитивната разлика помеѓу износот на даночната основа по намалување утврден во даночниот биланс за оданочување на добивката на АОП 49 за 2022 година или просечниот износ на даночната основа по намалување за 2021 и 2022 година и просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди зголемен за 20 отсто“, се вели во образложението на Предлог – законот.

Во случај на статусни промени се предвидува повисок процент на зголемување на просечниот износ на даночната основа за претходните даночни периоди, односно 30 отсто.

„Наведените обврзници, на претходно спомената основа ќе имаа обврска да платат данок за  солидарност во 2023 година по стапка од 30 отсто. Имено, истите ќе бидат должни да ја утврдат даночната основа на образецот „ДБ-ДС – Даночен биланс за оданочување со данок за солидарност“ што се доставува до Управата за јавни приходи во рок од 45 дена од истекот на рокот пропишан за поднесување на годишната сметка согласно со Законот за трговските друштва и прописите за сметководство и да го платат данокот за солидарност најдоцна до 31 мај 2023 година“, стои во образложението.

Во членот 6 на Предлог – законот во кој е пропишана даночната основа за пресметување на данокот за солидарност се вели дека основа за пресметување на данокот претставува позитивната разлика помеѓу износот на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката на АОП 49 за 2022 година, и просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди зголемен за 20%. Претходни периоди се периодите од 2018, 2019 и 2021 година, се вели во Предлог-законот.

Доколку е поповолно за даночниот обврзник, даночната основа за данокот за солидарност може да се пресметува на начин што од просечниот износ на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2021 и за 2022 година, се одзема просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди, зголемен за 20%. Како претходни периоди во овој случај се сметаат периодите од 2017, 2018 и 2019 година, се вели во материјалот доставен до Собранието.

Предлог – законот ги предвидува и случаите доколку настанала статусна промена кај компаниите, па така при пресметка на просечниот износ на даночна основа по намалување за претходните периоди се зема во предвид и даночната основа по намалување од друштвото што се присоединува, односно друштвата што се спојуваат, а кај статусната промена – поделба, даночната основа по намалување на друштвата, сразмерно на пренесениот имот и обврски.

Дополнително, при утврдување на даночната основа кај статусните промени просечниот износ на даночната основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди се зголемува за 30 отсто, стои во Предлог-законот.

Во случај даночниот обврзник да вршел дејност во некој претходен период пократко од 12 месеци, пак, се пропишува дека пресметката на даночната основа по намалување за тој период ќе се врши на годишно ниво, на начин што износот на даночната основа по намалување се дели со бројот на месеците во кои даночниот обврзник вршел дејност и се множи со 12.

„Со донесувањето на овој закон, ќе се овозможи ублажување на последиците од енергетската и ценовната криза преку плаќањето на еднократна солидарна јавна давачка за 2023 година од страна на обврзниците, така што ќе се обезбедат финансиски средства кој во целост ќе се користат за финансирање на Програма за мерки за справување со кризата“, стои во Предлог – законот.

Од Владата во образложението на материјалот доставен до пратениците посочуваат дека придонесот за солидарност треба да дејствува како редистрибутивна мерка за да се осигура дека компаниите кои оствариле вишок профит поради неочекувани околности пропорционално придонесуваат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар.

Од Владата се повикуваат и на слични одредби  кои ги донеле повеќе земји кои вовеле или најавиле дека ќе воведат т.н. данок на екстра профит, како Хрватска, Бугарија, Грција, Унгарија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Германија. Од таму додаваат дека за постигнување на истата цел (ублажување на последиците од кризата) и нашата држава треба да преземе активности за воведување на данок кој што ќе има солидарна функција и преку кој ќе се обезбедат финансиски средства кој во целост ќе се користат за финансирање на Програмата за мерки за справување со кризата.

„Предлог законот предвидува воведување на данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка“, нагласуваат од Владата.

Управата за јавни приходи врши контрола на начинот на пресметувањето и уплатувањето на данокот за солидарност. Инаку, во Предлог- законот се предвидени и санкции за оние кои нема да поднесат до УЈП соодветен образец за пресметување на данокот за солидарност и тоа глоба од 1.800 до 6.000 евра во денарска противвредност за правно лице – среден трговец, и од 3.000 до 10.000 евра за големите трговски друштва, а глоби се предвидени и за одговорните во компаниите. Исто така, строги казни, односно глоби се предвидени и за случаите кога нема да се плати утврдениот данок за солидарност во предвидениот рок, а најстроги глоби (до 20 илјади евра за големите трговски друштва) се предвидени доколку се наведат неточни податоци поради кои дошло до утврдување на помал износ на данок за солидарност. (М.Ј.)