Даниел Крег го доби истото кралско одличје како Џејмс Бонд


АнглијаЗасега последниот глумец од „Џејмс Бонд“ филмовите, Даниел Крег(54) ја доби истата кралска почест со којашто бил одликуван и неговиот можеби најпознат лик „007“, кој потекна од серијалот книги на Ијан Флеминг.

Имено, тој во замокот Виндзор беше награден со Одличјето на Редот на Сент Мајкл и Сент Џорџ, за заслуги во филмот и театарот. Честа нему денеска му ја укажа принцезата Ана, ќерката на почината кралица Елизабета Втора.

Даниел Крег, како шести глумец во серијалот филмови, го толкуваше тајниот агент во последните пет „Бонд“ филма – „Казино Ројал“ (2006 година), „Tрошка надеж“ (2008), „Операција Скајфол“ (2012), „Спектра“ (2015) и последниот „Не е време за умирање“ од 2021 година. Во улога на „007“, тој се појави и до кралицата во кусо видео на отворањето на Олимписките игри во Лондон, 2012 година. Крег глумеше и во „Нож в грб“ („Knives Out“, 2019) заедно со Крис Еванс, Ана де Армас и Џејми Ли Кертис, а ќе се врати и во продолжението чиешто прикажување е закажано за крајот на следниот месец ноември.

Официјалните страници на социјалните мрежи на кралското семејство користеа позната фраза од филмовите за Бонд додека споделуваа фотографија од изгледот на Крег во замокот: „Те очекуваме“, пишуваше под фотографијата.

Крег претходно беше прогласен за почесен офицер на Кралската морнарица на Обединетото Кралство. Со тоа назначување, Крег тргна и по стапките на Бонд, кој е командант на Кралската морнарица во серијата.

Минатата недела, принцезата Ана (72) беше домаќин на првата групна церемонија  по смртта на кралицата Елизабета на 8 септември.

Принцот Вилијам, исто така, беше домаќин на својата прва церемонија  како принц од Велс минатата недела, поздравувајќи ја Ванеса Редгрејв бидејќи беше прогласена за Дама командант на реот на Британската империја, женски еквивалент на витез.

„Не го споредувате одењето во Бакингемската палата со кое било друго достигнување, кое и да е. Тоа е уникатно“, изјави Редгрејв за наградата.