Данците се убедени дека знаат како Трамп би се обидел да го освои Гренланд. Ова е сценариото


Данските функционери веруваат дека има подготвено сценарио во кое Доналд Трамп би можел да се обиде да го преземе Гренланд. Во доцноноќен пост на Truth Social, претседателот објавува дека данската територија сега е американски „протекторат“.

Бидејќи ниту Данска ниту нејзините европски сојузници немаат воена моќ да ги спречат САД да ги заземат островите, тие се немоќни да се спротивстават на сомнителното тврдење на Трамп. Во ситуација кога водечка членка на НАТО полага право врз суверена територија на друга, алијансата е парализирана. Тврдејќи дека поседувањето е девет десетини од законот, Трамп едноставно изјавува дека Гренланд сега им припаѓа на САД, пишува „Атлантик“.

Оваа низа настани, што данските функционери и експертите за безбедност ја изложија во последните месеци, можеби изгледаше малку нереална дури минатиот петок. Сепак, до викендот – по соборувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и последователното инсистирање на Трамп дека САД сега „управуваат“ со Венецуела – изгледаше многу помалку веројатна.

Ескалација на стравовите

Со месеци, Данците со вознемиреност ги разгледуваа дрските најави на администрацијата на Трамп за анексирање на Гренланд, или со сила, принуда или обид да се придобие локалното население од околу 56.000 луѓе со ветување за удел во идните рударски работни места. Сега тие стравови ескалираат.

Кратко откако американските сили го заробија Мадуро, Кејти Милер, поранешна службеничка на Белата куќа и сопруга на високиот советник на Трамп, Стивен Милер, објави мапа на Гренланд прекриена со американско знаме на X со натпис „НАСКОРО“.

Данските претставници, како што пишува „Атлантик“, беа бесни, но и длабоко вознемирени. Следното утро, Трамп ги потврди своите намери во интервју за „Атлантик“. „Апсолутно ни треба Гренланд“, рече тој.

Со години, европските лидери ги потценуваа експанзионистичките изјави на Трамп и се обидуваа да ги игнорираат. Но, по настаните во Венецуела, тоа се промени. Данската премиерка Мете Фредериксен рече дека заканите на Трамп повеќе не можат да се сфаќаат лесно. „За жал, мислам дека претседателот на САД треба да се сфати сериозно кога вели дека го сака Гренланд“, изјави таа за данскиот јавен радиодифузер ДР.

Додека американските претставници и сојузниците на Трамп ја минимизираа можноста за воена акција, самиот Трамп никогаш не ја исклучи употребата на сила. Стивен Милер за Си-Ен-Ен изјави дека воената акција нема да биде неопходна бидејќи „никој нема да војува со САД поради Гренланд“, додавајќи дека територијата „треба да им припаѓа на САД“. Но, ако американските сили влезат во Гренланд, НАТО ефикасно ќе се распадне во тој момент, според европските претставници.

„Ако САД нападнат друга членка на НАТО, сè запира“, рече Фредериксен.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул потсети дека Гренланд спаѓа под Член 5 на НАТО, во кој се наведува дека нападот врз една членка е напад врз сите. „Гренланд е дел од Кралството Данска. И бидејќи Данска е членка на НАТО, Гренланд во принцип спаѓа и под колективна одбрана“, рече тој.

Но, еден европски претставник беше подиректен: „Нема да можеме да го одбраниме Гренланд. Се шегувате.“

Поддршката за Трамп во Гренланд постои, но е ограничена

Застапниците на амбициите на Трамп се ентузијастични за американската операција во Венецуела. Јерген Боасен, најистакнатиот поддржувач на Трамп во Гренланд, за „Атлантик“ изјави дека го гледа интересот на Трамп како „одлична можност и нов почеток“ за островот. Боасен, познат по капите и маиците MAGA со ликот на Трамп, тврди дека жителите на Гренланд сакаат независност од Данска и од „данските елити“ кои, како што вели тој, не го зборуваат локалниот јазик ниту ја разбираат културата.

Сепак, анкетите не покажуваат широка поддршка за замена на данското знаме со американско. Боасен тврди дека многумина се плашат јавно да проговорат поради можни професионални и политички последици. Тој исто така рече дека данските власти ја затвориле неговата Фејсбук страница, што, според „Атлантик“, не може да се потврди бидејќи страницата е сè уште достапна. „Трамп слушнал дека луѓето страдаат. Тој е наш спасител во овој момент“, рече Боасен.

Европските лидери реагираа остро. Британскиот премиер Кир Стармер изјави за Скај њуз дека „иднината на Гренланд може да ја одлучат само Гренланд и Кралството Данска“. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро рече дека „Гренланд не е ниту на продажба, ниту за запленување“.

Притисок околу Украина и страв од американска одмазда

Руфус Гифорд, поранешниот амбасадор на САД во Данска, изјави за „Атлантик“ дека Данците се збунети околу вистинските намери на Трамп. Според неговата проценка, најверојатно е дека Трамп ги користи безбедносните гаранции на САД за Украина како средство за притисок врз европските земји, вклучително и Данска, да ги прифатат американските планови за Гренланд.

Поранешен висок американски функционер во Европа рече дека лидерите на НАТО долго време се воздржувале од отворено противење на територијалните амбиции на Трамп поради страв дека Трамп може да возврати со намалување на помошта за Украина, вклучувајќи споделување на разузнавачки информации и испорака на оружје.

Паниката, според истите извори, започнала пред една година, кога Доналд Трамп помладиот го посетил Нуук. Посетата имала речиси карневалска атмосфера, но многу жители на Гренланд ја сметале посетата за израз на колонијален менталитет. Иако подоцна се појавија гласини дека Трамп помладиот делел пари на бездомниците, тоа не било вистина, иако, според Боасен, тој им купил ручек.

После тоа, Трамп се чинеше дека се откажал од идејата, но ситуацијата повторно ескалираше во декември, кога го назначи гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за специјален пратеник за Гренланд, а неговиот сојузник Том Денс да раководи со комисијата за истражување на Арктикот.

„Дипломатија со топовски чамци за 21 век“

Операцијата во Венецуела, заклучува „Атлантик“, покажа дека Трамп е подготвен да ги поткрепи своите барања со воена сила. Луѓе блиски до претседателот велат дека тој е воодушевен од успехот на интервенциите во Иран, Нигерија и Венецуела и нема да се двоуми повторно да прибегне кон сила, или барем закана со сила.

„Нека се борат“, изјавил еден сојузник на Трамп за „Атлантик“. „Можеби ќе го земеме, можеби нема. Но, по она што се случи во Каракас, дали навистина сакате да проверите дали блефираме?“

Западните дипломати и безбедносни претставници предупредија дека милитаризацијата на територијата на сојузник би имала сериозни последици за трансатлантските односи. Данските пратеници велат дека целата идеја е апсурдна бидејќи САД би можеле да ги постигнат сите свои безбедносни цели со соработка со Данска, сојузник кој исто така го олесни военото присуство на САД на островот за време на Студената војна.

„Малку американски војници би преживеале една недела тука.“

„Ако Американците сакаат нова база, само кажете им каде“, рече еден дански пратеник. „Ако сакаат радар, можат да постават еден.“

Конечно, данските претставници се сеќаваат и на потсмевањето на Трамп дека Данска „ја засилила безбедноста со додавање на уште еден тим кучиња“. Оваа елитна единица, позната како Сириус Патрола, со децении патролира во суровите арктички услови и, велат Данците, работи работа што малку армии во светот би можеле да ја извршат. „Многу малку американски војници“, рече еден дански пратеник, „би преживеале таму една недела“.