Дали РКЕ ќе ја зачува независноста или ќе ги штити интересите на власта: Изборот на Ристов отвори многу дилеми

За СДСМ станува збор за уште еден бизнис интерес на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а од Левица најавија дека назначувањето на Ристов ќе го оспорат пред Енергетската заедница. Од власта, пак, велат дека Ристов ги исполнува условите


Фото: Б. Грданоски

Направи ли власта голем чекор назад во независноста на Регулаторната комисија за енергетика со вчерашниот избор на Ацо Ристов за нејзин претседател, или владејачкото мнозинство предложи вистински човек за оваа извонредно важна функција? Ваквите дилеми се наметнуваат по дискусиите на пратениците вчера во Собранието кога точката за избор на претседател на РКЕ беше на дневен ред, откако претходниот претседател Марко Бислимоски даде оставка откако беше подложен на сериозен притисок од власта со кривична пријава за наводно несовесно работење.

Со изборот на Ристов, се чини, власта полека ја докомплетира апсолутната надмоќ која што ја има во речиси сите институции во земјава.

За опозицијата станува збор за уште еден бизнис интерес на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како што тврдат од СДСМ, а од Левица најавија дека назначувањето на Ристов ќе го оспорат пред Енергетската заедница. Од власта, пак, велат дека Ристов ги исполнува условите и оти со своето искуство, знаење и авторитет заслужува да биде на позицијата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, вели дека изборот за претседател на Регулаторна комисија за енергетика не смее да помине без ниту една дискусија и не треба апсолутно да не се потсети на тоа што беше претходно кажувано, заради тоа што ова е директна потврда на тоа што и како прави ВМРО-ДПМНЕ додека е опозиција, а како и на кој начин се однесува додека е власт. Спасовски укажа дека јасно е дека новиот директор е партиски член, но и потенцираше дека што се јавува како сопственик на хидроцентрали и енергетски компании, го отвора за независноста на Регулаторната комисија за енергетика.

Тој вчера посочи дека предлогот за избор на претседател на РКЕ за поранешниот градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, нема да го напаѓа од аспект на тоа дека бил партиски член.
„Да, е партиски член и од тоа нема бегање. Меѓутоа принципот кој што сакавте да го држите дека ќе ги промените работите во Македонија, дека ќе го смениме системот во Македонија од тоа што било претходно, апсолутно покажувате дека дополнително го менувате, меѓутоа на полошо“, изјави Спасовски.

Според него сите законски решенија коишто се носат, сите кадровски решенија коишто се носат укажуваат на тоа дека не се менува системот на подобро или за сето она за кое што претходно говореле од сега владејачките партии дека не е добро, дека е лошо, дека треба да се промени, дека има партизација, дека се ставаат луѓе несоодветни на одредени позиции, сето тоа го промениле и овозможиле практично преку промена на законите 90% од тие закони коишто ги донеле до сега.
„Погледнете ги, сте ги потпишале дел од тие, во тие законски решенија намалувате критериуми за избор на кандидати за директори или раководители на одредени позиции. Тоа едната работа. И втората работа таму каде што апсолутно сте биле против, сте укажувале на тоа дека не треба да има партизација, не треба да правиме вакви работи посебно во регулаторните тела, денеска ја имаме токму обратната ситуација во којашто вие истакнат партиски член го предлагате за претседател на регулаторната комисија. Уште полошо ,од тоа е заради тоа што кандидатот којшто го предложивте за претседател на регулаторна комисија има или имал како што и наведува самиот фирма „Алфа инженеринг“ основана 2000 година година специјализирана за широк спектар на дејности, меѓутоа вклучување на изградба на мали хидроцентрали трапостаници далноводи прочистителни станици, фотоволтаици и станбена изградба. Тој е сопственик на три мали хидроцентрали, а неговата матична фирма остварува удел и во енергетската сфера преку компанијата „Екотера“, која поседува одобренија за изградба на вакви енергетски објекти“, изјави Спасовски.

Новиот претседател на РКЕ, Ацо Ристов

Понатаму, како што додаде, во фирмата „Хидронерџи Груп“ којашто исто така се занимава со енергетика, каде што Ристов е еден од сосопствениците и „МХЦ Козја река“ лоцирана во близина на Радовиш, проекти коишто се направени во околината на Радовиш.
„Единствено нешто што можам да го разберам како прифатлив критериум на ВМРО-ДПМНЕ е тоа да има хидроцентрали за да добие одредена позиција во рамките на партијата“, додаде Спасовски.

И покрај падот којшто го прикажува во 2024 година на фирмата, дека има пад во приходите, сепак остварува добивка од околу 400.000 евра, нагласи координаторот на опозициската СДСМ.
„И сега замислете ја продава фирмата, ја отуѓува на кого? На Ѕвезда Андонова, неговата сметководителка која што до тогаш му води сметководство, продолжува и понатаму. И тоа е рецепт познат којшто се прави во овој дел. И сега независниот претседател на регулаторната комисија ќе одлучува за регулирање на цената на електричната енергија за граѓаните низ призма како неговите фирми ќе остваруваат профит. Е тоа е позицијата која што практично ја нуди ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Спасовски.
Тој потсети дека кога се вршеше избор на претседател на регулаторна комисија во претходниот мандат, се јавиле за збор повеќе колешки, пратеници, колеги кои што укажувале на пропусти во делот на кандидирањето и избор на тогашниот претседател на регулаторната комисија. Во овој контекст ја цитираше Силвана Ангелеска – „јас ќе прочитам за јавноста само неколку извадоци од Законот за енергетика член 17 каде функцијата член на регулаторна комисија за енергетика се врши професионално, не е споива со вршење на друга функција итн и во последните 15 години пред именувањето да има најмалку 10 години работно искуство во енергетиката, односно во обезбедување на водните услуги, притоа да нема функции во политички партии иткантаму“ – ова е цитат од стенограмот на колешката Силвана.
„И сега не знам дали тогаш сте во право кога ги кажувате овие критериуми. Очекувам дека денеска овде на мониторот ќе имаме црвено светло од колешката Силвана Ангелеска, заради тоа што ова е побрутално од тоа што вие го вие го кажувате претходно. И секако колешката Лидија Петковска којашто била исто така многу инвентивна, а во дискусијата па кажува дека “кога се подготвувала за дискусијата за парламентот за регулаторна комисија била во сериозна дилема за што е тука, дали за носење на законски решенија или за исполнување на а некакви желби од тептерот на СДСМ за вдомување на кадри коишто ќе бидат дел од енергетската компанија“. Е денеска колешке покрај тоа што ви е кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, кандидатот ви е сопственик и на хидроцентрали, на енергетски компании итн. Ако тогаш не било добро тоа што го наведувате како критериум, исто и вас ве очекувам денеска да гласате против ова решение. Ако не гласате против, тогаш ова што сте го зборувале можете да го фрлите и да кажете дека едно, збориме без став, без интегритет и без никаква почит кон граѓаните“. Изјави Спасовски.

И пратеникот на СДСМ, Миле Талевски, обвини дека изборот на претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, кој го предлага власта, претставува уште еден јасен пример на партизација на институциите и воведување на ВМРО-ДПМНЕ кадар во важни државни тела, што го загрозува интересот на граѓаните.
„Денеска повторно сме сведоци како една клучна институција во државата, наместо да биде независна и да работи за интересите на граѓаните и на државата, станува партиска испостава на ВМРО-ДПМНЕ. Добиваме уште еден општински комитет на оваа политичка партија, кој ќе биде дел од партиско-политичките бизнис калкулации“, рече Талевски.

Тој појасни дека станува збор за избор на претседател на регулаторна комисија која го одлучува животот на граѓаните преку цените на струјата, горивата, водата и енергенсите.
„И наместо токму сега, кога и ние и целиот свет се соочува со енергетска неизвесност, наместо да бидеме лице во кое ќе имаат доверба сите граѓани на оваа држава, лице кое ќе ги штити нашите интереси, ВМРО-ДПМНЕ без трошка срам, без никаква совест и без никаква одговорност на чело на ова тело предлага најпартиски кадар“, обвини Талевски.

Тој истакна дека Регулаторната комисија за енергетика треба да биде целосно независна. Тело кое нема никаква врска ниту со партии, ниту со политика, а нејзиниот претседател да биде стручно лице кое нема никакви допрени точки со политичка или партиска функција.
„Наместо тоа, владејачкото мнозинство го предлага Ацо Ристов, поранешен градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ во Радовиш, по вмровски кадар, не може ни да биде, и овие овде колеги не покажавте ниту трошка срам, ни трошка одговорност за она што и го правите на државата, и што им го правите на институциите“, рече Талевски.

Талевски исто така посочи на семејните врски во институциите, однсосно сопруга на Ацо Ристов, Данка Ристова која веќе е избрана за член на Судскиот совет, институција која треба да ја гарантира независноста на судството.

Тој нагласи дека јавноста заслужува јасен одговор за тоа дали Регулаторната комисија ќе работи за граѓаните или за бизнис интереси.
„ Овој избор на најпартискиот кадар на регулаторно тело се случува во време кога граѓаните веќе плаќаат повисоки цени на горивата и високи сметки за енергија. Затоа тие имаат право да знаат дали институциите работат во нивни интерес или во интерес на политички и бизнис мрежи. Денес прашањето е едноставно: Дали регулаторна комисија ќе работи за граѓаните или за нечии бизнис интереси? Одговорот за жал е очигледен. Цената повторно ќе ја платат граѓаните“, заклучи Талевски.

И за Левица изборот на Ристов за прв човек на РКЕ е неприфатлив. Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, реагираше на партизацијата на клучното тело кое директно одлучува за цената на струјата, горивата и животниот стандард на граѓаните.

Мециновиќ истакна дека со крунисувањето на Мицкоски на позиција на премиер на Република Македонија започна најзагрижувачкиот период за енергетската состојба во Република Македонија, затоа што за прв пат нема премиер кој откако ќе дојде на премиерската функција, ќе стапи во бизнисот за струја, туку е директен претставник на енергетската олигархија која ги уништува животите на граѓаните со децении.

,,Премиерот и сите кои ќе ги назначи, вклучувајќи го и овој претседател на РКЕ, директно ќе работат за интересот на индустриските поединци и директно против интересот на граѓаните. Со новото назначување на претседателот на РКЕ, не само што нема да се смени ништо, напротив, ќе се продлабочи исцицувањето на средствата од џебовите на граѓаните!

Ацо Ристов, кој е поранешен градоначалник од редовите на ДПМНЕ на општина Радовиш, е близок бизнис соработник на премиерот Мицкоски и тој не може да биде независен експерт кој ќе го води РКЕ.

По тоа што ние го имаме добиено како информации, веќе има загрижување кај Енергетската заедница со седиште во Виена за назначувањето на Ристов за претседател на Регулаторната комисија. Веднаш ќе ви најавам дека јас како приватно лице, како граѓанин на Република Македонија, ќе го оспорам ова назначување со формална претставка до Енергетската комисија во Виена. Затоа што Ацо Ристов ги нарушува критериумите на Енергетската заедница во Виена. Тој не е независен кадар, тој е директно политички кадар на ДПМНЕ.

Секој пат кога ќе го видите Ристов на телевизија како ја зголемува цената на струјата, погледнете го во него лицето на Мицкоски, затоа што тој е одговорен за тоа.” – заврши пратеникот од Левица.

Од друга страна, пратениците од власта застанаа зад предлогот Ристов да ја води РКЕ.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПНЕ повика да се зборува со факти и оти ставовите на СДСМ не се во насока на тоа дали кандидатот е квалитетен или не. Истакна дека претседателот на РКЕ се бира исклучиво според Законот за енергетика и оти Ристов ги исполнува сите можни услови што се наведени во законот.

„Ристов и тоа како заслужува да биде претседател на РКЕ, има три децении искуство, има знаење, докажан е во работењето и има општествен авторитет. Предлагаме лица кои се квалитетни и со соодветно образование и ги исполнуваат условите од законот – рече Стојановски.

Според приложената биографија, Ацо Ристов е дипломиран електроинженер со долгогодишно работно и проектно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи. Искусен менаџер со докажана експертиза во управување со комплексни градежни, енергетски и индустриски проекти, вклучително хидроелектрани, електроенергетски системи, пречистителни станици, пумпни системи и индустриска инфраструктура. Поседува силни компетенции во проектен менаџмент, техничка координација, надзор и стратешко планирање. Ристов е член на Комората на овластените архитекти и овластените инженери на Македонија со овластување А за проектирање, надзор и изведба на објекти од прва категорија – наведе Комисијата за прашања на изборите и именувањата во предлог-одлуката за именување на Ристов, што ја усвои на 17 минатиот месец.
Собранието, вчера , во рамките на 97. седница, со 68 гласа „за“ и 15 „против“ го избра Ацо Ристов за претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Инаку, вчера, Собранието, во рамките на 97. седница, со 68 гласа „за“ и 15 „против“ го избра Ацо Ристов за претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).