Дали ќе остане или ќе замине? Случајот на Ѓоковиќ стана поголем од него

Утрешното рочиште во Мелбурн не значи дека пресудата ќе се донесе веднаш. Нема гаранција дека Ѓоковиќ ќе може да игра и со пресуда во негова корист


Протести за поддршка на Новак Ѓоковиќ пред хотелот „Парк“ во Мелбурн (Фото: Ројтерс)

 

Обидот на владата на австралискиот премиер Скот Морисон да го одложи сослушувањето за визата на Новак Ѓоковиќ за два дена беше отфрлен од федералниот окружен суд.

Во наредбата, објавена во неделата, судијата Ентони Кели го отфрли потегот кој би го одложил сослушувањето до среда – по наведениот рок на Тенис Австралија да го вклучи светскиот рекет број еден во ждрепката за Австралија Опен.

Но правните експерти предупредија, дури и со расправата во понеделникот, дека нема гаранција оти Ѓоковиќ би можел да обезбеди судски налог за враќање на визата на време за да игра. Српската ѕвезда би можела да се соочи и со повторно укинување на визата поради нова основа.

Министерката за внатрешни работи, Карен Ендрјус, поднесе барање до судот за одложување на случајот, но судијата го отфрли тоа со наредба донесена во саботата – иако ја остави отворена опцијата владата повторно да се обиде по отворањето на поднесоците на Ѓоковиќ во 10 часот во понеделникот.

Ако сегашниот распоред остане на сила, адвокатите на владата ќе ги презентираат усните поднесоци во понеделник попладне.

Судот во четвртокот слушна дека Тенис Австралија нагласува оти ќе треба да знае дали Ѓоковиќ може да се натпреварува до вторник кога треба да се одреди ждрепката.

Судијата Кели во тоа време рече дека ќе се обиде да постигне страните да дојдат до решение, но истакна дека судот нема да се избрзува. „Овде опашката нема да го мава кучето“, рече тој.

Министерот за здравство, Грег Хант, им рече на новинарите дека Граничните сили ја завршиле истрагата за визите за Австралија опен. Тој не сакаше да го коментира случајот на Ѓоковиќ бидејќи тоа работа е пред судот.

„Две други лица сега доброволно ја напуштија земјата… секој поединец на кој му е откажана визата има право да ја напушти земјата во секое време, дури и додека минуваат низ судска постапка, но тоа е прашање за нив“, рече Хант.

Адвокатот за бегалци и основач на Човекови права за сите, Алисон Батисон, рече дека ако Ѓоковиќ победи во понеделник, владата треба да ја почитува одлуката на судот наместо „да се обидува да се тетерави со изнаоѓање друг начин да му ја откаже визата“.

„Она што го знаеме во нашите односи со Министерството за внатрешни работи е дека многу често тоа не е случај“, предупреди таа, наведувајќи три случаи што ги добила во федералниот суд само за министерот да најде нова причина за откажување на визата.

Батисон сугерираше дека би било „извонредно“ ако судот го реши случајот навреме за крајниот рок на Австралија опен, бидејќи се расправа за „прашањето со визата а не за играње тенис“, но за други итни случаи биле минимум потребни недели да се решат.

Директорот на Австралија опен, Крег Тајли, работи во заднина со Ѓоковиќ за да го добие спорот (Фото: Ројтерс)

 

Во Србија во саботата, семејството на Ѓоковиќ одржа митинг за негова поддршка во Белград трет последователен ден, а премиерката Ана Брнабиќ го увери за поддршката на нејзината влада околу визната битка за да се осигура дека тој може да влезе во Австралија и да ја одбрани титулата на Австралија опен. Турнирот започнува на 17 јануари, само една недела од датумот на неговото рочиште.

„Успеавме да се погрижиме да му биде доставена храна без глутен, како и алатки за вежбање, лаптоп и СИМ-картичка за да може да биде во контакт со своето семејство“, рече Брнабиќ. Тоа доаѓа кога австралиските медиуми објавија дека службениците за имиграција го одбиле барањето личниот готвач на Ѓоковиќ да му готви оброци во хотелот за имиграција.

На турнирот може, во државата не

Во совршениот свет на Ѓоковиќ, тој јадеше храна зготвена од личен готвач, вежбаше во теретана и тренираше секој ден на теренот од неговото пристигнување во Австралија, мешајќи се со својата група за поддршка и пријателите.

Наместо тоа, сега е затворен во својата соба во скромен хотел за имиграција во центарот на Мелбурн, со стражари во ходникот.

Случајот стана сложен.

Ѓоковиќ доби медицинско ослободување поддржано од владата на државата Викторија и организаторите на Австралија опен на 1 јануари, врз основа на информациите што тој ги доставил до два независни медицински панели. По електронски пат му беше одобрена виза.

Но, оттогаш произлезе дека медицинското ослободување од државата Викторија, дозволено за луѓе кои биле позитивни на корона вирус во последните шест месеци, е прогласено за неважечко од федералните гранични власти.

Таквото ослободување ќе беше валидно да се влезе на турнирот, но тоа не беше доволно за да ги задоволи австралиските Гранични сили.

Австралиските медиуми објавија детали за судските документи кои се очекува да бидат предочени в понеделник. Тоа покажа дека Ѓоковиќ добил писмо од главниот медицински офицер на Тенис Австралија на 30 декември во кое било наведено дека му е „овозможено ‘медицинско ослободување од вакцинација против ковид’ врз основа на тоа дека неодамна закрепнал од ковид“.

Се вели дека позитивниот тест на Ѓоковиќ бил на 16 декември, на датумот на издавање, а изземањето вели дека 34-годишниот играч „немал треска или респираторни симптоми во изминатите 72 часа“.

Ѓоковиќ присуствуваше на 17 декември на настан во Белград во чест на млади тенисери. Настанот беше покриен од локалните медиуми, а родителите објавија фотографии на социјалните мрежи на кои се гледа дека Ѓоковиќ и децата не носат маски. Не е јасно дали Ѓоковиќ ги знаел резултатите од неговиот тест во тоа време.

Неволјата на Ѓоковиќ поттикна тврдења од Србија дека Ѓоковиќ се третира како затвореник. Се чини дека самиот играч стана предводник на групите против вакцини, вклучително и некои луѓе кои се собраа надвор за поддршка надвор од неговиот хотел за имиграција.

Организаторите на Отвореното првенство на Австралија се под удар околу ситуацијата со Ѓоковиќ, и тоа со очигледно добра причина.

Тенис Австралија, која го води турнирот и ја организира логистиката за повеќе од 2.000 играчи, персонал и официјални лица кои доаѓаат, наводно им дала неточни толкувања на играчите за прифатливите основи за изземање. Тоа го вклучуваше толкувањето дека ако имал инфекција со корона вирус во претходните шест месеци ќе може да дојде. Организаторите ја обвинија федералната влада за нејзините мешани пораки.

Директорот на турнирот Крег Тајли продолжи да работи во заднина со Ѓоковиќ, или така изгледа.

Видео пораката на Тајли до персоналот на Австралија Опен за „тешкото време на јавната арена“ на турнирот беше објавена во весниците на News Corp. во саботата.

„Имаше една околност која се однесува на неколку играчи, особено Новак… во ситуација која е многу тешка“, вели Тајли во видеото. „Тесно соработуваме со Новак и неговиот тим, и со другите и нивните тимови, кои се во оваа ситуација“.

Ѓоковиќ беше еден од двајцата играчи кои беа ставени во притвор во хотелот во кој се сместени и бегалци и баратели на азил. Трето лице, пријавено дека е службено лице, доброволно ја напуштило земјата по истрагите на граничните сили.

38-годишната специјалистка за двојки, Рената Ворачова од Чешка, која веќе беше во Австралија една недела пред истрагата на граничните службеници доброволно ја напуштила Австралија откако одлучила да не се жали на одлуката.

На судското рочиште во понеделник ќе се утврди дали Ѓоковиќ не е далеку зад нејзиниот пример.

Протести пред хотелот во Мелбурн каде што се затворени беаглците и барателите на азил (Фото: АП)

 

Како Австралија ги третира барателите на азил

Самото присуство на Ѓоковиќ во хотелот, сквотот и непривлечна зграда на работ на центарот на Мелбурн, ги привлече погледите на светот кон тие други жители и нивните тековни борби со австралискиот имиграциски систем. Друигите станари во овој хотел вклучуваат бегалци и баратели на азил кои ги оспоруваат нивните сопствени случаи во постапки кои траат многу подолго од онаа на Ѓоковиќ. Толку долго во некои случаи што тие се чувствуваат заборавени.

Бегалските активисти брзо го искористија вниманието на медиумите бидејќи еден од најпознатите спортисти во светот го дели хотелот со некои од најранливите и обесправените луѓе во светот.

Хотелот „Парк“ некогаш беше просперитетен туристички хотел, популарен поради неговата централна локација во близина на мрежата на трамваи во Мелбурн.

Но, во последните две години често се нарекува „озлогласениот“ хотел „Парк“. При избувнувањето на пандемијата, тоа беше хотел за карантин за Австралијците кои се враќаа од странство и, наводно, извор на епидемијата на Делта варијанта што го зафати Мелбурн и го принуди градот да биде заклучен со месеци, а при тоа умреа стотици луѓе.

Во поново време, тој беше дом на патници од поинаков вид: бегалци и баратели на азил кои беа префрлени од медицински причини од австралиските офшор центри за притвор на островот Манус и Науру во Пацификот.

Има 32 баратели на азил кои го делат хотелот со Ѓоковиќ. Меѓу нив е Мехди Али од Иран, кој имал 15 години кога со брод го направил опасното патување до Австралија. Тој ги помина изминатите девет години во оф-шор објект за обработка на баратели на азил и бегалци, а неодамна беше преместен во хотелот „Парк“, каде вооружена полиција го чува влезот и жителите не можат да излезат.

Мехди вели дека хотелот е „како затвор“ со недостаток на свеж воздух и лоша храна.

Во октомври, епидемија на ковид зарази повеќе од половина од тогашните 46 жители на хотелот. Во декември избувнаа мали пожари на еден кат, станарите беа евакуирани. Застапниците на бегалците редовно протестираат пред хотелот, главно во мал број и незабележани од минувачите. Ненадејното пристигнување на Ѓоковиќ ги поттикна демонстрантите додека се обидуваат да го привлечат глобалното внимание кон барателите на азил и нивниот третман во Австралија.

Австралија првпат воведе офшор обработка на островот Манус во Папуа Нова Гвинеја и Науру во 2001 година како дел од своето „Пацифичко решение“ за барателите на азил и бегалците кои се обидуваат да стигнат до Австралија со брод, често со помош на трговци со луѓе. Обработката на офшор места беше прекината во 2008 година, но продолжи во август 2012 година.

Од јули 2013 година, австралиски влади велат дека нема да бидат преселувани бегалци во Австралија од Науру или островот Манус. До средината на 2021 година, околу 1.000 бегалци од офшор центрите беа преселени во други земји, вклучително и повеќе од 900 во САД. (Според агенциите)