Каратистите на „Макпетрол“ се подготвуваат за претстојното Европско првенство


Македонските карате-репрезентативци, членови на „Макпетрол“, моментно се на еднонеделни подготовки во Струга. Претставниците на скопскиот клуб ја темпираат формата за претстојното Европското сениорско првенство, закажано за периодот од осми до 12 мај во Задар, Хрватска.
  
– „Макпетрол“ е носечкиот клуб во сениорска конкуренција на македонската репрезентација. Во составот имаме искусни, прекалени и квалитетни спортисти, а тие ќе бидат и најбројни на ова европско првенство. Ќе учествуваме со осум спортисти од клубот и затоа и одговорноста за успешни резултатски постигнувања кај нас е огромна. Нема да оставиме ништо на случајноста, бидејќи нашиот пристап и однос кон спортот е професионален. Најстручно, со најмодерна тренерска методологија, ќе се подготвиме и ќе направиме сѐ што е потребно за да ги зголемиме шансите за успешен настап на ова првенство – изјави Бошко Заборски, тренер на „Макпетрол“. 
 
Пет спортисти од вкупно осум, кои се повикани за националниот тим, ќе настапат во поединечните категории во дисциплината кумите, а тоа се: Петар Заборски (-75кг.), Петар Спасеновски (-84кг.), Данило Божовиќ (+84 кг.), Симона Заборска (-55кг.) и Ангела Мојсовска (-68кг.) За дисциплините борби во екипна конкуренција се повикани: Викторија Јовановска, Витомир Трајовски и Стефан Стојановиќ. 
 
Сите горенаведени натпреварувачи, кои ќе настапат во поединечна конкуренција за тимот на Македонија, се пријавени и во екипна конкуренција во составите на машкиот и женскиот кумите тим за Европското првенство во Задар. Како спаринг-партнери на подготовките во организација на клубот „Макпетрол“, учествуваат и спортистите Димитар Лозановски, Јована Мицовска и Давид Петков.