Дали Црна Гора, поради огромните долгови, ќе мора да им го отстапи пристаништето Бар на Кинезите?


Духот наречен Хамбантот кружи во Црна Гора, пишува неделникот „Цајт“. За Шри Ланка, отписот на кинеските долгови значеше дека на Пекинг му го отстапи најголемото пристаниште на следните 99 години. Дали е редот на Бар, прашува Дојче Веле, пренесувајјќи ги пишувањата на германските медиуми.

Хамбуршкиот неделник Цајт донесе обемна статија под наслов „Кинески автопат во Црна Гора“. Авторот Улрих Ладурнер во воведот потсетува дека Црна Гора е кандидат за влез во Европската унија и дека позајмила од Кина, па сега ЕУ е под притисок:

„Црна Гора е мала европска земја со голем проблем. Не може да си ги плати долговите. Во 2014 година владата зеде заем во износ од 944 милиони евра од кинеската државна банка Ексим со цел да го финансира гигантскиот проект автопат. Првата рата за плаќање пристигнува во јули, а тоа значи финансиски теснец. Министерот за финансии на земјата со само 600.000 жители предупредува дека неговата земја не може да отплати толку голем долг, па Црна Гора, како кандидат за членство во ЕУ, побара помош од Брисел. И таму дури и не размислуваат за такво нешто: „Ние не плаќаме заеми на трети земји“. Оттогаш, во Црна Гора кружи баукот наречен Хамбантот“.

Авторот објаснува дека Шри Ланка, азиска островска земја, повеќе не можеше да ги отплаќа кинеските заеми во 2017 година, па затоа мораше да им го отстапи на Кинезите најголемото пристаниште во земјата, Хамбантот, на 99 години. Кина на тој начин ги отпиша своите долгови. Оттогаш се зборува дека Кина ги турка помалите земји во зависност.

„Дипломатија на должнички стапици“ е грда фраза измислена од индискиот геостратешки аналитичар Брама Челеини. Критичарите кои размислуваат слично дури ја обвинуваат Кина што сака да создаде вазални држави долж нејзиниот „Појас и пат“.

Локални подизведувачи блиски до Ѓукановиќ“

Во текстот, авторот потоа ги наведува кинеските инвестиции во Европа – грчкото пристаниште Пиреја, како и делови од грчката железница и трговската рута што води низ Северна Македонија, Србија и Унгарија. Се споменува стравот во Црна Гора дека ќе мора да отстапат дел од територијата. Авторот ја цитира Вања Чаловиќ од невладината антикорупциска организација Манс: „Можно е тоа да е пристаништето Бар“.

Весникот потсетува дека црногорскиот автопат со 21 милион евра за километар е еден од најскапите во Европа. „Досега е завршена само една делница од 40 километри – и само таа го проголта речиси целиот износ на кинескиот заем. Очигледно е дека со почетокот на изградбата на автопатот, обвинувањата за корупција стануваат гласни. Владата на Мило Ѓукановиќ ги договори заемите во 2014 година“, потсетува авторот и додава: „Важен дел од износот на заемот беше пренасочен кон локалните подизведувачи блиски до Ѓукановиќ. Досега, и сегашната влада одби да ги обелодени сите тие договори“.

Црна Гора е меѓу осумте земји со висок ризик

Во 2018 година, Американскиот центар за глобален развој (ЦГД) анализираше 68 земји кои се вклучени во кинеската иницијатива „Појас и пат“. Според резултатите од анализата, осум од 68 земји се изложени на ризик да паднат во стапицата на долгови. Црна Гора е меѓу тие осум.

Во текстот се вели и дека анализата не може да дојде до општ образец што би го следела Кина, бидејќи Пекинг одлучува од случај до случај. На пример во 2011 година, Пекинг ги отпиша своите долгови кон Таџикистан, но поради тоа доби 1.158 квадратни километри од спорната погранична област.

„Истата година Кина прости дел од кубанските долгови во износ од неколку милијарди и со договореното репрограмирање само уште поцврсто ја врза Куба за Кина“, пишува „Цајт“.

Пекинг нема да се приклучи на Парискиот клуб

Исто така, се наведува дека Институтот за светска економија од Кил ги објави резултатите од истражувањето во март, во кое анализира сто кинески договори за кредит: „Резултатите покажуваат дека Кина инсистира на апсолутна тајност на договорот“. Затоа Пекинг не сака да биде член на Парискиот клуб, кој вклучува 22 земји кои даваат заеми. Во оваа институција, вака се третираат заемите што не можат да се враќаат: сите доверители ги обелоденуваат своите побарувања и заеднички се бара решение во кое сите страни се третираат еднакво. Кинеските договори за кредит дури им забрануваат на должниците да ги репрограмираат долговите во координација со други доверители. Кина сака билатерално да преговара и тоа го зголемува притисокот врз должничката земја“.

Која е поентата на автопатот?

Во случајот на Црна Гора, германскиот автор ги цитира зборовите на српскиот економист Александар Ковачевиќ, кој има принципиелни прашања: „Едно од нив е зошто воопшто да се гради автопат? Официјалниот одговор е дека автопатот ги поврзува Белград и Бар, а со тоа ја стимулира црногорската економија “.

Ковачевиќ исто така вели дека пристаништето Бар воопшто не било развиено за такво нешто, а во Белград нема ниту терминал за примање стока. „Значи, објаснувањето не е убедливо. Српскиот економист истакнува дека во Црна Гора постојано го поставувал прашањето зошто им треба автопат. Новиот одговор е – туризам. А, Ковачевиќ одговара дека и онака летните плажи во Црна Гора се полни“.

Хрватскиот пример

„Ваквата тешко разбирлива структурна политика во регионот не е ништо ново. Со сличен аргумент, во Хрватска е изграден автопат во 2008 година, кој го поврзува пристанишниот град Риека со Загреб. Европската инвестициска банка го финансираше со 210 милиони евра, иако, според Ковачевиќ, придобивката беше доста сомнителна. Има повеќе примери за вакви инвестициски трупови на Балканот “.

Германскиот новинар исто така потсетува дека Црна Гора им ги презентирала плановите на европските финансиери при планирањето на автопатот, но тие го одбиле проектот неколку пати поради очигледна економска непрофитабилност.

„Зошто Подгорица сепак влезе во проектот? Вања Чаловиќ од Манс претпоставува дека корумпираната политичка каста насетила голема зделка. Таа се сомнева дека „многу пари отишле во непознати канали“.

Ако Кинезите дозволат“

Според германскиот автор, очигледно е дека Кина ја виде својата шанса да го зголеми своето влијание на Западен Балкан. „Унгарија и Грција покажуваат што може да значи тоа. Во тие земји има значителни кинески инвестиции и двете земји во последните неколку години ставија вето на резолуциите на Европската унија во кои се критикува Кина “.

„Црна Гора не е само кандидат за членство во ЕУ, туку и членка на Северноатлантскиот пакт. Доколку Кина го проширеше своето влијание во Црна Гора, еден ден ќе седеше практично на маса со НАТО и ЕУ. И Брисел не може туку така да го дозволи тоа“.

Портпарол на Европската комисија изјави: „Комисијата доби писмо од Црна Гора и работи на одговор“. ЕУ најверојатно ќе ја поддржи Црна Гора во разговорите за репрограмирање на долговите. Ако Кинезите го дозволат тоа“, заклучува германски „Цајт “.