Дајана Рос наполни 75 години: Поп-иконата славеше со холивудската елита
САД- Една од најголемите икони на музичката индустрија, Дајана Рос, која беше на врвот на светските топ листи во текот на 60-тите години на минатиот век го славеше вчера во Лос Анџелес 75. роденден со холивудската елита. Од Бијонсе до Леонардо ди Каприо, сите и честитаа за неверојатниот изглед , кариера и уникатен моден стил.
Дајана Рос е родена на 26 март во 1944 година, во Детроит, Америка, како ќерка на војник и учителка. Иако желбата на нејзините родители е да се вика Дајан, поради грешка во запишувањето на нејзиното име, таа мора да се навикне на своето вистинско име Дајана. За нејзините најблиски таа е и секогаш ќе биде Дајан.
Нејзината желба од детството да стане моден дизајнер никогаш не се оствари. Патиштата ќе ја поведат по многу поразличен пат. Во 1959 година станува член на музичката група The primes, која подоцна, во 1961 година се преименува во The Supremes. Со оваа група ги имаат следните големи хитови: „When the lovelight starts shining through his eyes“, „Where did our love go“, „Forever came today“ и „Someday we’ll be together“.
Во 70-те години од минатиот век Дајана ја напушти групата и започна соло кариера. Нејзиниот успех и омиленоста кај фановите не згаснуваат и денес. Бројката на продадени копии од албумите надминува 100 милиони.
Со својата енергичност и сигурност Дајана Рос зачекори и на филмското платно. Своето деби го имаше во филмот „Lady sings the blues“ во улогата на Били Холидеј, за што ја доби наградата Златен Глобус за најдобра актерка.
За успехот кој го постигнува во музичката и актерската кариера сведочат бројните бр. 1 хитови, признанија и награди. Дајана Рос е добитничка на Греми награда за животно дело и е една од ретките артисти кои имаат две ѕвезди на холивудската Патека на славните.
Многумина ја познаваат како извонредна пејачка и актерка, модна икона, дива, единствена, енергична, успешна, но таа е и мајка на пет деца. И покрај двата неуспешни брака со музичкиот продуцент Роберт Елис Силберстејн и норвешкиот билионер Арне Несс Џуниор, има прекрасно семејство и е баба на внук и внука.
За својата трансформација од сиромашна девојка во екстравагантна дама, Дајана Рос изјавила: „Мојот живот често е опишуван како „од сиромаштија до богатство“, но факт е дека Рос никогаш не била сиромашна!“
Инспирирана од својот живот, Дајана Рос ќе рече:
„Не треба само да седиш и да чекаш луѓето да ти го остварат златниот сон. Мора да се потрудиш и сам да го оствариш“.
„Икона. Што е икона? … Не мислам дека се раѓаат икони.“
„Ми кажаа дека ќе биде тешко да се најде доволно силен маж за да ги сака мојата сила и независност и да не се грижам што ќе бидам г-ѓа Дајана Рос, но не се согласувам. Сигурна сум дека тој маж постои.“
„Јас сум родител, се грижам за своето здравје и се обидувам да го зачувам мирот во мојот живот. Во последните неколку години требаше да одлучам што е поважно за мене и сфатив дека моето семејство и моето здравје се на врвот од листата. И тие немаат никаква поврзаност со шоу бизнисот.