Дачиќ: Србија ќе направи се за да го зачува мирот во Косово
-Јас велам косовско-албанската полиција, бидејќи тоа е албанската полиција, а косовската полиција би била кога во неа би имало Срби, објасни Дачиќ и додаде дека целата суштина на Бриселскиот договор била Србите да управуваат со територијата на која живеат Србите.
Тој нагласи и дека сето она што сега се случува е продолжување на напорите на премиерот на Косово, Албин Курти, да ја испровоцира целата ситуација.
Дачиќ изјави дека кога избил конфликтот во Северна Македонија меѓу државата и албанските сепаратисти, целата меѓународна заедница се вклучила во решавањето на тој конфликт и дека сега Србите немаат право ни да протестираат против теророт што им се врши.
-Српскиот народ има право да се брани и да ја изрази својата политичка волја. Поентата овде е, како што вели претседателот Вучиќ, дека сите оние кои ги окрвавија рацете и учествуваа и ја поддржаа агресијата врз Србија во 1999 година, сега продолжуваат со таа политика и поставуваат политички и медиумски темели за поддршка на режимот на Курти, изјави шефот на српската дипломатија.
Дачиќ додаде дека Србија е за продолжување на дијалогот со почитување на принципите договорени пред 10 години.Тој, исто така, нагласи дека единствената вооружена сила во Косово може да биде КФОР, додавајќи дека такви ситуации немаше да се случат доколку КФОР и Србите беа во полицијата.
Косовската полиција денес ја потврди смртта на тројца напаѓачи и апсењето на еден, како и четворица осомничени цивили кои поседувале радио уреди. Дополнително полицијата запленила и „големо количество оружје и муниција“. Полициската патрола беше нападната во раните утрински часови во неделата при што еден косовски полицаец загина, а друг беше ранет. Полициските единици биле нападнати со огнено оружје и рачни гранати додека се приближувале кон патот блокиран од страна на два нерегистрирани камиони во близина на границата со Србија. Напаѓачите, околу 30 на број, како што рече косовскиот премиер Албин Курти, потоа се забарикадирале во манастирот Бањска. Присутните од епархијата, поради сопствена безбедност се заклучиле во манастирските простории откако „маскирани лица со оклопно возило влегле во Бањскиот манастир“, насилно кршејќи ја капијата.
Премиерот Курти во текот на денот оцени дека станува збор за „терористички напад“ и ги обвини „одговорните во Белград“ за тоа. „Организираниот криминал со политичка, финансиска и логистичка поддршка на претставници на Белград ја напаѓа нашата земја“, рече Курти.
И косовската претседателка Вјоса Османи ги опиша инцидентите како „напад“ врз нејзината земја, што според неа докажува дека „криминалните банди организирани од Србија имаат дестабилизирачки ефект“. Османи ги повика сојузниците на Косово да ја поддржат земјата „во нејзините напори за одржување на мирот и редот и зачувување на суверенитетот над целата Република“.
Претседателот на Србија ги отфрли таквите обвинувања. „Србите – и не од централна Србија, туку оние од Косово – се побунија, не сакајќи повеќе да го трпат теророт на Курти“, рече Александар Вучиќ, објаснувајќи го поставувањето на два камиони како барикада на патот кај Бањска. Тој истовремено нагласи дека „во никој случај“ не сака да го оправда убиството на албанскиот полицаец. „Тоа е нешто за осуда и никому не му беше потребно“, рече тој.
Според Вучиќ, Курти е „главниот организатор на хаосот во Косово“ кој „провоцирал цело време и жал ми е што дел од Србите од Косово подлегнаа на тие провокации“, рече српскиот претседател. Вучиќ ја повика меѓународната заедница да формира Заедница на српски општини, односно „да има српски полицајци на северот на Косово, бидејќи само така Србите или нема да бидат протерани или повеќе нема да има конфликти“, оцени тој.
Германското Министерство за надворешни работи остро го осуди „страшниот напад врз косовската полиција“.
„Нашите мисли се кај семејството на убиениот полицаец и на тешко ранетиот. Нелегалните вооружени групи мора да престанат да ги загрозуваат животите. Сторителите мора да одговараат“, беше соопштено од Берлин, а во исто време беше констатирано дека поради ова во Косово ќе пристигне специјалниот пратеник Мануел Сарацин.Претходно се огласи и американскиот амбасадор во Приштина Џеф Ховениер кој рече дека станува збор за „организиран, насилен напад“ врз полицијата и ги повика напаѓачите „веднаш да ги прекинат“ своите дејствија. Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека „најостро го осудува страшниот напад на вооружена банда врз косовските полицајци во Бањска на северот на Косово“.Нападот го осуди и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак.