„Да ми речеше некој дека некогаш ќе пеам љубовни песни…“: Скопје му оддаде почит на Влада Дивљан
Скопје на нозе, во хор, со овации, емоции и ѕвездено небо, во Филхармонија, (17 ноември) ги славеше најубавите песни што ги оставил Влада Дивљан, еден од најзначајните музички автори на овие простори, по повод десетгодишнината од неговата прерана смрт, на само 56 години.

Пред преполната сала, со ексклузивни гости, на еден од најемотивните концерти кои сме ги слушнале, свиреа музичари кои растеле заедно со белградскиот рокер од бендот „Невладина организација на Влада Дивљан“, составен од некогашни членови на „Идоли“ и нови, помлади музичари: Зденко Колар, Саша Шандоров, Борис Буњац, Марко Миливојевиќ и подмладокот Дамјан Дашиќ и Марко Чалиќ. Нивната најважна мисија е зачувување на големите хитови и безвременски песни на Владе Дивљан и повторно доживување на неговата музика заедно со публиката.

Нивната турнеја со овој концерт симболично започна во Виена, во градот каде што Влада Дивљан живееше и твореше од 1999 година до крајот на животот, а по Белград и Загреб, пристигна и во Скопје како дел од програмата на фестивалот „Таксират“ , во организација на „Пасворд продукција“. Концертот беше насловен „Имам само една љубов“ , додека на видеобим во салата на Филхармонија, се менуваа слики од Дивљан од 1970-тите, кога почнал да станува рокенрол идол на младите, па сè до 1990-тите, кога веќе имаше потврден статус на ѕвезда.

„Да ми речеше некој дека некогаш ќе пеам љубовни песни… Се распрашав и ми рекоа дека во Филхармонија е дозволено да се танцува“, кажа една од гостинките Ана Ѓуриќ-Констракта и ја охрабри публиката, која на почетокот беше срамежлива и едвај чекаше да стане да заигра.
Констракта рече дека многу го цени она што Дивљан го напишал и, меѓу другите, ги испеа „Русија“ и „Џуџиња“ (Патуљци). По настапот се симна во публиката и го изгледа концертот докрај.

Втор ексклузивен гостин беше Кирил Џајковски, кој рече дека со Влада Дивљан најмногу се дружел и соработувал додека биле во Австралија. Во придружба на виолинист и трубач, бендот заедно со Џајковски ја отсвире највеселата песна на концертот, „Баба Зумбула“, која Дивљан ја испеа за филмот „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски.

Публиката во хор ги пееше и вонвременските хитови на сите генерации „Девојко мала“, „Малечка“ (Малена), „Таа зна“ (Она зна), „Ретко те гледам со девојки“ ( Ретко те виџам са дјевојкама), „Малчиќи“…

Дивљан (1958-2015) ја почна музичката кариера кон крајот на 1970-тите, а се прослави како фронтмен на групата „Идоли“, еден од предводниците на југословенскиот нов бран.Тие ги објавија култните албуми „ВИС Идоли“, „Одбрана и последњи дани“, „Чоколада“ и „Шест дана јуна“. Има објавено уште 8 албуми за време на неговата самостојна кариера, но и со групите „Олд старс“, „Невладина организација“ и „Лјетно кино“.

Со Срѓан Гојковиќ-Гиле создаваше музика за деца, а компонираше за телевизија, филм и театар. Од 1991 главно живееше во странство, прво во Сиднеј, па во Виена, каде што и почина.
Л. Сабит
Фото: Т. Ранташа