Да бидеме сплотени и обединети: Празнични пораки од политичарите по повод Рамазан Бајрам


Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, утрово упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху.

– Од сè срце Ви посакувам празничните денови да ги поминете во хармонија и благосостојба, исполнети со радост и среќа, споделувајќи љубов и внимание со најблиските. Годинава во светиот месец Рамазан, во месецот на пост, молитва и простување, ни се случи незапаметена трагедија којашто нè потресе како заедница и како индивидуи. Нашите мисли се со семејствата на настраданите и со повредените. Без разлика на верска, етничка или каква било припадност, сите се солидаризираме и заедно тагуваме, истакнува во честитката Сиљановска-Давкова.

Претседателката посочува дека живееме во свет којшто е разбрануван од бурни геополитички поместувања, а ние, како што вели „сме кревки и ранливи во многу општествени сегменти“.

-Пред нас се бројни предизвици и непредвидливи собитија. Да бидеме сплотени и обединети како заедница, како општество и како држава. Заедно можеме да ги надминеме и пребродиме сите тешкотии и проблеми. Со чиста мисла и со отворено срце за сите наши сограѓани, да ја направиме татковината просперитетна и достоинствена земја на среќни граѓани, наведува во честитката претседателката  Сиљановска-Давкова.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши по повод големиот празник – Рамазан Бајрам, утрово упати честитката до граѓаните од исламска вероисповед во која посака овој ден да биде извор на радост и мир, со повеќе љубов, разбирање и солидарност во семејствата.

-После еден период на длабоко размислување, пожртвуваност и ангажираност да се доближиме повеќе кон Бога, имам посебно задоволство да ви го честитам големиот празник – Рамазан Бајрам! Рамазан нè учи дека постот е патот кон прочистување на душата и секој ден претставува можност за практикување на вредностите искреност, љубов и меѓусебна почит. Затоа, по завршувањето на месецот на Рамазан, да бидеме со чисто срце и поподготвени да им помогнеме на сите оние кои имаат потреба, како и да придонесеме кон зајакнување на заедницата, толеранцијата и општествената хармонија, пишува Гаши во честитката.

Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод празникот Рамазан Бајрам до сите граѓани од исламска вероисповед, посакувајќи им добро здравје, радост, среќа, мир и спокој во семејствата.

-Рамазан Бајрам е празник на солидарност и хуманост, кој ги учи богатите да се воздржат од личните удобвства и да не ги заборават сиромашните и сираците.Овој празник значи дека преку добри дела, заемно почитување, трпение и меѓусебно разбирање можеме да го победиме лошото. Заедно преку соработка, соживот, толеранција, вистински вредности и принципи ќе продолжиме да ја градиме заеднички Македонија во попросперитетна држава, пишува Мицкоски во честитката.

Додава дека нивната заложба како Влада е да ги негуваат културата, традицијата, различностите, но пред се да реализираат проекти кои значат економски развој и напредок за подобар и поквалитетен живот на сите граѓани.

-Сите заедно мораме да го смениме системот кој предолго ги оставал граѓаните без правда, достоинство и еднакви можности. Таа одговорност ја носиме пред сите сегашни, но и пред идните поколенија, да изградиме општество на фер вредности, слободни луѓе и силни институции. Продолжуваме да ја градиме Македонија и заеднички да создаваме услови за сите, вели македонскиот премиер.

Тој на сите граѓани од исламска вероисповед им посакува овие празнични денови да ги поминат во добро расположение, благосостојба и мир.

 
Филипче за Рамазан Бајрам: Заедништвото и солидарноста се нашата сила за справување со предизвиците
 
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед по повод големиот верски празник Рамазан Бајрам.
Во честитката претседателот на СДСМ, Филипче истакна дека овој свет празник потсетува на основните вредности за меѓусебно почитување, солидарност и хуманост, кои се основа врз кои треба заеднички да ја градиме нашата иднина.
„На сите припадници од исламската вероисповед им го честитам големиот празник Рамазан Бајрам, со искрени желби за здравје, радост и благосостојба. Овој свет празник нè потсетува на основните вредности за меѓусебно почитување, солидарност и хуманост. 
Во духот на овие вредности, заедно можеме да ги надминеме сите предизвици и да градиме подобра иднина за нашата држава и за граѓаните. 
Северна Македонија е пример за заедништво, заеднички живот и почитување на различностите, и токму тоа ја прави посилна и побогата. Затоа, овој празник нека ни биде потсетник дека со почит, заемна помош и поддршка,  можеме  да изградиме поправедно и еднакво општество за сите“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.