Цвеќето поскапе, вниманието „поевтини“

Цената на цвеќето поради големата побарувачка расте еднаш годишно. Цената на вниманието кон жената паѓа во текот на целата година иако побарувачката за внимание и почит е сѐ поголема


Денес е 8 Март – празник кој наводно припадничките на женскиот пол не го слават, не се дотеруваат, не одат на фризер, не очекуваат подароци, како мајки, сопруги, партнери, вработени, домаќинки… наводно, денес е нормален ден, кој од наутро ви почнува со нервози заради доцнењата на автобусите, сообраќајните турканици, стопирање на улиците заради градежни зафати, ден кој ви почнува со кафе, ама не знаете како ќе заврши. Сепак, живееме во Македонија, каде сѐ е можно и секое чудо е за три дена. 

А сепак… Сѐ околу нас е во знакот на цвеќето кој во пресрет на празникот, „магично“ поскапува, како јајцата за Велигден. И така, вниманието кое како жени и дами, го очекуваме „спакуван“ како гест, се претвора како манир и култура на однесување кое ретко ги добиваме.  

Денес, зад секое подарено и примено цвеќе се крие една желба, мит, заблуда, лага или вистина за тоа кои сме, што сме, што сме сакале да бидеме, до каде сме стигнале или во што сме се претвориле, дали сме напредувале, стагнирале, или сме се вратиле назад, со зборовите, делата, постапките, однесувањето, како поединци или држава, дали сѐ уште очекуваме, се надеваме, дали сме се еманципирале или пак откриваме дека се уште маршираме за своите права и плати, дека не секој маж е џентлемен, ниту пак дека секоја жена е цвеќе за мирисање, дека е тешко со жените, а уште потешко без нив, дека мажите сѐ уште ништо не научиле за жените, ама фала богу, жените ги научија мажите. 

Како да останете доследни на принципите, верувањата и воспитувањето во свет, каде што половите ги сменија улогите?
 

Мажите станаа жени, жените станаа мажи. Жените попримија агресивност, мажите добија на женственост. Тренд е жените да носат машки костуми. Тренд е мажите да носат накит, да лакираат нокти или како славните, да носат здолништа на  црвените килими. Жените бркаат кариера, мажите станаа врвни готвачи. Дојде време жените да избираат, а мажите да чекаат да бидат избрани.Никој не прашува кој ќе биде претседателот.  Сите се интересираат која ќе биде првата дама.

8 Март е само еден ден, остануваат уште 364 дена во годината. Муабетите и дебатите, дали во Македонија има вистински мажи, и понатаму ќе продолжат. И не само денес. Зашто жените меѓу себе знаат да бидат кучки, ама и да ве изненадат со цвеќе.