ЦУК: Македонија под огнена стихија, активни пожари во Липково, Гази Баба, Дрисла и Струга


Фото: Б. Грданоски

На територијата на цела држава денес до 20 часот беа евидентирани вкупно 24 пожари на отворен простор. Четири од нив и натаму се активни и предизвикуваат најголема грижа, два се ставени под контрола, додека пожарникарите успеаја да изгаснат дури 18 огнени жаришта.

Најголемиот проблем во моментов е во Липково и Гази Баба, каде што пламенот ја зафати нискостеблестата деградирана и дабова шума кај селото Никуштак и кај Булачани. Огромни облаци чад се издигаат и од депонијата „Дрисла“ во Студеничани, каде што гори ѓубре и интервенцијата е исклучително комплексна. Во Струга, пак, два одвоени пожари предизвикаа сериозни штети – едниот во боровата шума кај селото Татеши, а другиот во населбата Еленкамен каде што е зафатена ниска вегетација.

Во меѓувреме, пожарите кај Берово и Струмица се под контрола. Во Русиново, на локалитетот Дрџински рид, пламенот уништуваше дабова и букова шума со папрат, но силната интервенција спречи понатамошно ширење. Во Струмица, пак, гореше депонијата во селото Куклиш, но пожарот веќе е ставен под надзор.

Охрабрувачки е што во текот на денот беа изгаснати вкупно 18 пожари ширум државата. Гореше шума и ниска вегетација во Студеничани, стрништа кај Крушево и Кичево, депонии во Делчево и Гази Баба, како и повеќе помали жаришта во Скопје, Битола, Тетово, Брвеница, Кавадарци и Дебар. Огнот зафати и населени места како Шуто Оризари, Сарај, Бутел и Старо Нагоричане, но сите тие пожари сега се целосно изгаснати.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелира граѓаните да бидат претпазливи и да пријават веднаш при најмала забележана искра, бидејќи високите температури и сувата вегетација создаваат услови за брзо ширење на огнот.