Црвениот крст испрати тим хирурзи во болница во Либан
Меѓународниот комитет на Црвениот крст испрати тим хирурзи во Универзитетската болница Рафик Харири во Бејрут, кои ќе ги лекуваат пациентите повредени во судирот со Израел.
Голем број пациенти се евакуирани од болниците во јужен Либан, откако израелските воздушни напади се интензивираа во војната против Хезболах.
Директорката на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Либан, Симоне Казабијанка-Ашлиман денеска изјави дека здравствениот систем во земјата е преоптоварен поради големиот прилив на повредени пациенти.
– Фактот што не знаеме како ќе се развие овој конфликт и што ќе се случи е многу тешко за нас, посочи Казабијанка-Ашлиман.
Претходно овој месец, Меѓународниот комитет на Црвениот крст достави медицински материјали на околу 2.000 критично болни пациенти во повеќе од десетина болници во Либан.
Во Либан најмалку 2.350 луѓе се убиени, а повеќе од 10.900 се повредени од почетокот на конфликтот со Израел пред една година.