Црвениот крст исплати средства на настраданите од Кочани што се лечат во странство

Заклучно со денешниот ден собрани се 102.410.247,00 денари донации за настраданите во пожарот во Кочани и за нивните семејства. Досега Црвениот крст на РСМ изврши исплата на средства на семејствата на сите починатите и повредените лица кои се лекуваат во странство од трагичната несреќа во Кочани.
-Во тек е прибирање на податоци за повредените лица хоспитализирани во болниците во државата во соработка со Службата за општи и заеднички работи на Владата. По добивање на списоците веднаш ќе се изврши исплата на средства. Се надеваме во почетокот на наредната недела. Веднаш потоа ќе се пристапи кон усогласување на критериумите за исплата на останатите средства на настраданите, соопштија од Црвениот крст.
Црвениот крст продолжува и со испораката на психосоцијална поддршка на настраданото население преку ангажирани над 100 психолози во соработка со Комората на психолози на Македонија. Во соработка со училиштата се организира секојдневна поддршка за наставници и ученици за справување со настанатата ситуација, како и припадници на противпожарната бригада и припадници на Министерството за внатрешни работи. На барање на универзитетите Црвениот крст организира обуки за прва помош и психолошка прва помош за студентите.