Црвен крст: Досега собрани 43.149.360 денари за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани

Црвениот крст на Северна Македонија информира дека досега се собрани 43.149.360 денари за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани и за нивните семејства.
– Ве повикуваме и понатаму сите заедно да ја покажеме хуманоста и солидарноста за настраданите од пожарот во Кочани. Упатуваме голема благодарност до сите кои донираа и ве информираме дека сме во фаза на подготовка за првична исплата на собраните средства за најитните потреби наменети за настраданите од пожарот во Кочани, стои во соопштението.
Црвениот крст на Северна Македонија соопшти дека во текот на вчерашниот ден беше дел од организацијата на погребите на трагично загинатите лица од пожарот во Кочани. Вкупно 165 волонтери беа ангажирани како тимови за прва помош и психолошка поддршка, беа поставени пунктови и се даваше логистичка поддршка на сите места каде се извршија погребите, а беше обезбедена и погребална опрема, како и транспорт за починатите.
– Свесни сме за ситуацијата и сочувствуваме со болката и тагата на погодените семејства и остануваме посветени во обезбедување на поддршка на оние на кои им е најпотребна. Црвениот крст на РСМ е во контакт со партнерските национални друштва од земјите каде се хоспитализирани повредените од пожарот каде им се обезбедува поддршка за семејствата на повредените. Особена поддршка е понудена од организациите на Црвен крст на Србија, Бугарија, Словенија и Грција, стои во соопштението.