Црногорскиот претседател го одби министерот за одбрана да го смени началникот на Генералштабот
Претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ го одби предлогот на министерот за одбрана Драган Краповиќ да го разреши бригадниот генерал Зоран Лазаревиќ од функцијата началник на Генералштабот на Армијата на Црна Гора, соопшти Министерството за одбрана.
Краповиќ изјави и дека за смена на Лазаревиќ биле и претседателот на Собранието на Црна Гора Андрија Мандиќ и премиерот Милојко Спајиќ.
Краповиќ рече и дека на средбата предложил именување на друг офицер на местото началник на Генералштабот на Армијата на Црна Гора.
Министерот за одбрана во соопштение наведува дека одлуката за разрешување на Лазаревиќ е последица на неговата оценка дека на Армијата на Црна Гора и е потребна смена на генерации и подмладување на офицерскиот кадар, како и на фактот дека Лазаревиќ ги исполнил условите за престанок на службата во армијата пропишана со Законот за Армијата на Црна Гора.
Тој наведе дека Лазаревиќ со одлука на поранешниот министер за одбрана Филип Аџиќ, останал во војската откако ги исполнил условите за пензија. Аџиќ е функционер на Граѓанското движење УРА на поранешниот премиер Дритан Абазовиќ. Новооснованото Движење за Подгорица на Милатовиќ со УРА оди на локалните избори во Подгорица, кои се закажани за 29 септември. Милатовиќ, иако е претседател на државата, активно се вклучи во кампањата и листата го носи неговото име.
Од друга страна, Демократска Црна Гора, чиј висок функционер е Краповиќ, учествува на локалните избори во коалиција со движењето Европа сега на премиерот Милојко Спајиќ. Тие заедно учествуваат на локалните избори во сите три града каде што се одржуваат избори наесен – Подгорица, Котор и Будва, каде партиите не успеаја да се договорат за власт по вонредните парламентарни избори.
Краповиќ изјави дека смета дека јавноста треба да биде запознаена со оваа информација, бидејќи во соопштението по седницата на Советот за безбедност и одбрана нема информации за неговиот предлог, ниту дека е одбиен од Милатовиќ.