Црногорскиот премиер смета дека „Лидл“ е решение за скапите намирници во неговата земја
Германскиот амбасадор во Подгорица, Петер Фелтен, за тамошните медиуми изјавил дека германскиот малопродажен синџир „Лидл“ сака што поскоро да ги отвори своите продавници со намирници низ цела Црна Гора.
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ отворањето на „Лидл“ го гледа како решение за пониски цени во неговата земја.
Спајиќ истакнал дека германската компанија „Лидл“ би можела да ги реши „сомнежите дека цените на храната во Црна Гора растат по договор на трговските синџири“.
РСЕ веќе објавил дека заедно со поскапувањето на храната во Црна Гора, расте и заработувачката на четири од петте големи трговски синџири во таа земја: „Воли“, „HD Lakovic“, „Idea-Franca“ и „Арома“.
Според РСЕ, сопствениците на четирите синџири маркети само лани заработиле 20 милиони евра.
Во Црна Гора, според законот од 2006 година, пазарните цени се формираат слободно.
Меѓународниот трговски синџир „Лидл“ досега купил три големи локации во Црна Гора за своите идни мегамаркети, а компанијата претходно не сакала да зборува за плановите за Црна Гора, ниту за рокот кога би можеле да почнат со работа.